Задоволни од резултатите: „Perpetual Guardian“ трајно воведува четиридневна работна недела


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Компанијата „Perpetual Guardian“ од Нов Зеланд го тестираа концептот со четиридневна работна недела, а со оглед на тоа дека експериментот се покажа како доста успешен, одлучија овој концепт да го воведат на долг рок.

Од компанијата велат дека поради еден работен ден помалку во неделата, работниците покажале поголема продуктивност, помало ниво на стрес и подобар баланс помеѓу приватниот и професионалниот живот. Повеќе од 240 вработени во оваа компанија за време на тест-периодот на овој работен концепт (од почетокот на март до крајот на април оваа година) беа платени како да работат пет дена во неделата, а работеа еден ден помалку.

„Тоа беше само теорија, нешто што сакав да го пробам, бидејќи сакав да создадам подобро опкружување и услови за мојот тим. Почестен сум што мојот тим вака одговори на експериментот“, изјави основачот на компанијата, Ендру Барнс.

Во истражувањето направено минатата година, само 54 насто од испитаниците рекле дека без проблем балансираат помеѓу приватниот живот и работните обврски. После воведеното четиридневно неделно работно време, тој процент пораснал на 78 насто.

Стресот на работа бил помал за 7 насто, а секој тим во просек бил попродуктивен за 20 насто.

Џарод Хар, професор на Технолошкиот универзитет во Окленд, вели дека овој експеримент би можел да биде модел за други работни места и дека би можел да стане револуционерен начин за работа.

Барнс му препорача на управниот одбор од својата компанија да почне долгорочно да го применува четиридневното неделно работно време. Освен тоа, нагласи дека овој пример би можел да им послужи на останатите компании ширум светот.

„За еден работен ден помалку добивате помотивирани, постимулирани и полојални работници“, вели тој.