Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Познатиот скијачки центар и даночен рај, Андора, е една од последните европски земји што го забрануваат абортусот. Ако сте една од 85.500-те жители на оваа земја сместена во пиринејска земја, немате право на абортус дури ни во случај на силување, ниту ако ви е загрозен животот.
Законот за забрана на абортус во Европа е на сила само уште во Малта, Ватикан и во Сан Марино.
Во Андора абортусот се казнува со затвор во траење до шест месеци.
„Бев бремена со бебе за кое имаше ризик дека ќе умре во мојот стомак, но немав право на абортус“ – вели Сонија, која во петтиот месец од бременоста дознала дека нејзиниот плод има неизлечлива болест и дека веројатно нема да ја преживее бременоста.
Според андорските закони, таа морала да роди мртвороденче, но сепак донела одлука да го абортира. Како и повеќе од стотина жени секоја година, така и Сонија ја преминала границата и постапката ја извршила во Каталонија.
„Вие доаѓате во нашата земја да купите цигари, ние доаѓаме во вашата земја да ги купиме нашите права“ – е слоганот на плакат за легализација на абортусот кој се споделува на социјалните мрежи.
„Тоа е облик на мачење. Би требало да имаме право на тоа во нашите болници, а не да одиме во Барселона со чувство на вина и срам“ – вели Ванеса Мендоза Кортес од здружението „Сопрете го насилството“, кое се бори за легализација на абортусот.
Кортес сака абортусот да биде тема на кампањата на парламентарните избори следната година. Таа ги осудува андорските власти и смета дека се лицемерни бидејќи ги затвораат очите пред фактот дека жените одат во странство за да абортираат.
Сепак, тоа е опција што им е на располагање само на оние жени што можат да платат меѓу 600 и 1.000 евра.