Авто мото

За оригинален Aston Martin кој го возеше Џејмс Бонд искеширани 6,3 милиони долари

Еден од четирите примероци на Aston Martin DB5 направени за снимањето на филмот со Џејмс Бонд „Goldfinger“ од 1964 година достигна рекордна цена викендов за која беше продаден во Монтереј – 6.385.000 долари.

Првичните проценки беа дека автомобилот ќе добие меѓу 4 и 6 милиони долари. Крајната цена го качи далеку над еден од другите оригинални DB5, кој беше продаден на аукција во 2010 година за 4,2 милиони долари, со што стана најскапиот автомобил на Бонд некогаш продаден.

Најимпресивното нешто за овој DB5 е дека е идентичен како кога бил произведен. Ова значи дека доаѓа со панцирна плоча на извлекување зад задниот прозорец, седиште-катапулт, радар вграден во инструмент-таблата, скриени митралези зад предните трепкачи, и систем за испуштање димна завеса. Сите овие додатоци се целосно функционални, иако (се подразбира) митралезите не пукаат со вистински куршуми и само пуштаат звук на рафал.

Пред да биде продаден, автомобилот бил детално реставриран во Швајцарија, во еден од само 13-те сервиси одобрени од Aston Martin за реставрирање на нивните историски модели. Реставрацијата траела четири долги години.

Овој конкретен DB5 всушност не се појавува во филмот „Голдфингер“, но бил користен за промоцијата на филмот „Thunderball“ и е идентичен на оригиналниот филмски автомобил.

Може слободно да се вози по патиштата, што значи дека новиот сопственик, ако некогаш реши, може да ужива во него. Но, најверојатно ќе се реши да го заклучи во гаража, чекајќи дополнително да му порасне цената.

Advertisements
To Top