За мизеријата на сите што се накитија со заслугите за ПРАВОПИСОТ!


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


За тоа како бил третиран проектот за Правописот на македонски јазик, како „се немало средства“ колку патни трошоци за еден член на ДИК или еден пратеник, па како потоа надлежните ’уважени’ професори не сакале да го истуркаат бидејќи бил започнат од ’другата партија’, за на крајот да се закитат со перјата на другите, објаснува професорката Симона Груевска Маџовска. Нејзиното објаснување го пренесуваме во целост:

САГАТА СО ПРАВОПИСОТ

Иницијативата за проширување и дополнување на Правописот ја поведе проф. д-р Убавка Гајдова, за жал веќе почината, како тогашен претседател на Советот за македонски јазик при Министерството за култура. Советот нè назначи проф. д-р Елка Јачева-Улчар, проф. д-р Симон Саздов и мене да го направиме елаборатот.

Конкуриравме како за најобичен проект на најобичниот годишен Конкурс на Министерството за култура за едногодишен проект. Се состави Редакција во која покрај нас влегоа и проф. д-р Снежана Веновска-Антевска и проф. д-р Живко Цветковски, кој како највозрасен го избравме за претседател.

Со одлука на Влада, Институтот беше назначен за носител на проектот, а Министерството за култура и Министерството за образование и наука да го поддржат. Проектот доби вкупно 350.000 денари само од Министерството за култура, а од МОН само барања за извештаи до каде е работата. На сите вработени професори од Институтот им беше понудено да бидат вклучени во работата. Само 12 од тогаш 25 се вклучија.

Поголемиот дел од другите правеа сопки на секој можен начин за Правописот никогаш да не излезе. Проф. Спасов уште кога се почнуваше работата, излегуваше по медиуми со напади дека ќе се бугаризира Правописот, па дека ќе се србизира, дека ќе заврши во подрум, дека на насловната ќе бил коњот на Александар Македонски итн. Му понудивме и нему да влезе во тимот, и влезе!

Тимот броеше на крајот 48 автори – имаше повеќемина, но патем си одеа, го повлекуваа материјалот во последен момент, пред печатење итн. Голготата наместо да привршува, опасно се засили точно кога требаше Правописот да влезе во печатница. На јавните расправи што ги организиравме пред печатењето на Правописот јавно бевме навредувани и шиканирани од колегите на кои им беше понудено да се вклучат и одбија.

Проф. Спасов постојано бараше измени во дел во кој беше само коавтор, а директорката Јованова-Грујовска, на која професорот ѝ беше ментор, нè уценуваше сите дека ако не биде така како што рекол професорот, нема да се печати Правописот. Тоа траеше можеби 2 месеца. Имаше јавувања во печатницата да не се почнува со печатење, имаше барање од директорката да го чита таа Правописот за да го одобри што е невиден скандал – еден директор да се става над Редакција.

И кога веќе стана неиздржливо, претседателот на Редакцијата ѝ испрати порака на тогашната министерка за култура за тоа што се случува. Министерката ја вика директорката на состанок, и вторава ѝ вели – нема никаков проблем, дојдов да прашам кога сте слободни да правиме промоција!?

Така, директорката си закажа промоција без да нè праша, си викна промотор без да нè праша, си стави цена од 1500 денари без да нè праша, си се сликаа со проф. Спасов по медиуми итн. За помалку од 3 недели пламна изданието. Пари од продажбата имаше да допечати тираж за Саемот за книги – не отпечати (парите останаа во Институтот – авторите не добија ништо од продажбата, а немаа ниту потпишан договор со Институтот).

По 2 месеца, отидовме кај тогашниот ректор на УКИМ да побараме средства за допечатување – тој веднаш се согласи. Нашата директорка не ги зеде. Се обративме до Советот да ни кажат дали планираат второ издание, за да бараме друг издавач. Тие донесоа одлука само дека ќе се печати, но без рок и без никаква друга информација. Цела година усно и писмено се обраќавме, зашто јавноста го бараше Правописот, и не бевме удостоени со одговор.

Во февруари годинава ѝ упативме преку Архива писмо во кое ја известуваме дека поради тоа што ништо не презеде, ќе бараме друг издавач. Не добивме одговор. Најдовме друг издавач – АД Култура, и потпишавме договор. По една недела се појавила во Култура со адвокатка со закана дека ќе тужи. Иако можевме да не се согласиме, зашто веќе имавме потпишан договор, сепак, рековме, ајде, само нека го има.

Така Институтот насила стана соиздавач на второто издание. Во меѓувреме, директорката избрана од претставниците на Советот од Владата на ВМРО, ја потврди за директор Владата на СДСМ, а проф. Спасов го назначи за претседател на Советот за македонски јазик при Министерството за култура. Владата излегува со мерките за афирмација на македонскиот јазик, меѓу кои и за Правописот.

Прво требаше да биде за 8 Септември, па за 11 Октомври, и на крај, минатата недела испадна дека треба да се потпише договорот за електронско објавување. Не беше предвиден никаков хонорар за електронското објавување, иако се работи за авторско дело – само откуп по намалена цена на тиражот што го испечати АД Култура и повторно примероци од Институтот.

Се уфрла НУБ од никаде како институција на чија веб-страница ќе биде закачен Правописот. Си организираат настан, без воопшто да ги поканат авторите и Редакцијата. Дојдов непоканета и му пристапив на министерот за култура, кој стоеше со двајца советници, за да го известам дека авторите не беа поканети. Тој веднаш избега, а едниот советник што ме удостои со разговор, на секоја минута беше прекинуван од другиот советник зашто имаше проблем со твитањето (или сакаше да го извади првиов), бидејќи тоа очигледно беше поважно. Е па со среќа нека е Правописот!!!