За Крушевскиот манифест – сведок на соживот и слога во време на репресија


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Сите знаеме за Крушевската Република и сите имаме слушнато за Крушевскиот манифест. Од неодамна во земјава со некои меѓуетнички инциденти почна да се зголемува меѓутничката тензија меѓу нациите кои со години сложно живееле на овие простори.

Крушевскиот манифест е пример за соживот и трпение. Денес, кога одбележуваме еден толку значаен ден треба да се потсетиме на зборовите на нашите храбри и горди претци.

Крушевскиот манифест во суштина претставува обраќање до нехристијанското месно население, Турци, Торбеши, Арнаути. На самиот почеток тие им ги објаснуваат своите мотиви за нивниот чекор со зборовите:

„ Ние, вашите вечни комшии, пријатели и познајници от хубавото Крушево и неговите китни села, без разлика на вера, народност, пол и убежденија, не можејќи веќе да трпиме тиранијата на жедните за крф и гладните за чоечко месо муртати, шчо гледаат и нас и вас да дотерат до нош, и нас и вас да дотераат до питачки стап и нашата мила и богата земја Македонија да заприлегат на пуста пустиња, денеска дигнафне глава и решифне со пушка да се браниме от тие наши и ваши душмани и да добиеме слобода…“

Потоа разумно им објаснува дека македонскиот народ со востанието не сака да им наштети на муслиманите, туку дека се бунтува против Османлиската Империја.

„…Ние не дигнафне пушка протиф вас – това би било страм за нас; ние не дигнафне пушка протиф мирнио, трудољубивио и чеснио турски нарот, шчо се прерануат, како нас со крваф пот – тој јет наш брат и со него сне живејале и пак сакаме да живејме; ние не излегофне да колиме и да грабиме, да палиме и да крадиме – доста ни сет зулумите на безбројните деребеи по нашата сирота и окрвавена Македонија; ние не излегофне да порисјанчуваме и да бесчестиме вашите мјаки и сестри, жени и ќерки; требит да знајте оти вашио имот, вашио живот, вашата вера и вашата чес ни сет толку скапи, колку шчо ни сет скапи нашите…“ Во повиците испишани во манифестот препознаваме една човечност, која и покрај мачниот живот, тогашниот наш народ успеал да ја сочува. Од денешна инстанца се поставува прашањето дали ние, деншните потомци на илиндеците во нашите срца и души имаме доволно љубов за човештвото?

Во Манифестот тие ги нарекуваат Турците свои браќа и ги повикуваат на заедничка борба против социјалната пресија. Нашите горди Илинденци, имале доволно доблест и свест да знаат кон кого да ја насочат борбата.Манифестот е доказ дека Македонците не се одмаздници.

„ …Ако и вие нe имате како ваши браќа и ни сакате доброто, ако есапите пак да живејте со нас, како шчо сте живејале досега и ако сте верни и достојни синој на мајка Македонија, можите да ни поможите само со едно нешчо – а тоа јет голема помшт. да не се заортачите со душманите, да не дојдите со пушка протиф нас и да не прајте зулуми по рисјанските села!“

Македонци нека ни е вечен празникот, и да не го заборавиме заветот на нашите претци кои ги положиле своите животи за слободна татковина во која ќе се почитува секој човек без разлика на националност и религија