Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Официјални Софија и Скопје до крајот на октомври повторно треба да седнат на заедничка маса во обид за надминување на спорот и отворање на патот за влез на Македонија во ЕУ, пишува Дојче Веле.
Сите очи се вперени во претстојните избори во Бугарија, по коишто се очекува напредок во решавањето на спорот, по бугарското вето. Новата рунда разговори ќе се темелат на билатералниот протокол од 6 точки кој треба да биде готов до почетокот на ноември. Веќе на 14 декември ќе се одржи состанокот на Општиот совет на ЕУ, на кој се очекува да се донесе одлуката за усвојување на преговарачката рамка и закажување на првата меѓувладина конференција.
Бугарија смета дека инвестирала многу во дијалогот соМакедонија и очекува конкретни дејствија за трајно спроведување на Договорот за добрососедство од 2017 година. Позитивен импулс од разговорите очекува и македонската страна, која се надева на бугарската поддршка за отворање на патот кон ЕУ.
Шефот на бугарската дипломатија Светлан Стоев во Софија на средба со хрватскиот колега Гордан Грлиќ Радман, информираше дека преговорите на експертско ниво меѓу Скопје и Софија течат и дека се предадени бугарските предлози и текстови. До крајот на октомври, тој најави дека ќе има нов круг консултации меѓу Бугарија и Македонија и доколку се постигне согласност, ќе биде ставен потпис на договореното од страна на двајцата министри за надворешни работи. Продолжуваат разговорите и со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, кој неодамна ги посети двете земји во обид за решавање на спорот.
Бугарскиот државен врв минатата недела информираше дека протоколот, кој што е основа на разговорите, се состои од 5+1 точка за:
– краткото и долгото име на државата;
– спречување на говор на омраза;
– рехабилитација на жртви на комунизмот;
– поголем ангажман на Комисијата за историски прашања;
– немешање во внатрешни работи и
– вметнување на Бугарите во македонскиот Устав.
Премиерот Зоран Заев деновиве изрази надеж дека разумноста на политичарите надвор од изборни процеси, во мирни води, во постабилно време ќе преовлада и ќе надвладее „за да можеме да се испишеме убава историја, која што ќе им ја оставиме на младите, и на децата, и на идните генерации“. Тој е дециден дека билатерални работи треба билатерално да се решаваат.
„Работните групи продолжуваат да работат. Верувам дека би дошле до усогласени текстови, би се решило тоа прашање, затоа што тоа се решливи прашања односно ќе кажам едноставно е, дека краткото име е исто со долгото име, Северна Македонија е исто со Република Северна Македонија, дека немаме територијални претензии спрема ниту еден од соседите. Секако, немаме територијални претензии спрема Република Бугарија“, рече Заев.
Тој посочи дека Бугарија е членка на ЕУ и ЕУ без една земја не може да донесе одлука. „Убеден сум дека разумноста на политичарите надвор од изборни процеси, во мирни води, во постабилно време ќе преовлада и ќе надвладее за да можеме да испишеме убава историја, која што ќе им ја оставиме на младите, и на децата, и на идните генерации“, истакна Заев.