За колективен имунитет потребна е вакцинираност од 80% на населението


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


За постигнување на колективен имунитет против Ковид-19 потребно е да се вакцинираат над 80 отсто од граѓаните. Министерот за здравство Венко Филипче вели дека поради тоа постојано се упатуваат апели и се спроведуваат кампањи со цел да се покрена свеста на населението за потребата од вакцина.

– Треба да се постигне колективен имунитет од 80 отсто, а ние сме далеку од тоа и затоа се нашите апели и кампањи, и преку Министерството, Владата, Канцеларијата на ЕУ, преку УНИЦЕФ со цел граѓаните да се вакцинираат. Достапна е вакцината во сите пунктови, никој од граѓаните кој ќе се пријави за вакцинација нема да биде вратен се со цел да имаме нормален живот, изјави вчера Филипче.

Министерството за здравство соопшти дека на територијата на цела држава една доза вакцина досега примиле 27,5 отсто од граѓаните.

Последните анализи покажуваат дека најголем процент вакцинирани граѓани има во Кавадарци 43,5 отсто, потоа следи Охрид со 42,9 отсто и Гевгелија со 41 отсто. Најмал процент вакцинирани граѓани има во Дебар 17,3 отсто, во Тетово 17,1 отсто, а во Кичево 15,8 отсто.

Состојбата на вакцинирани граѓани во останатите градови е следна: Ресен 39,8 отсто, Битола 38,9 отсто, Неготино 38 отсто, Штип 37,2 отсто, Пехчево 36 отсто, Велес 31 отсто, Демир Хисар 30,9 отсто, Берово 30,9 отсто, Скопје 30,8 отсто, Валандово 30,6 отсто, Прилеп 30,3 отсто, Пробиштип 29,7 отсто, Крушево 28,3 отсто, Кочани 25,3 отсто, Свети Николе 25,2 отсто, Делчево 24,9 отсто, Виница 24,5 отсто, Крива Паланка 23,9 отсто, Радовиш 23,2 отсто, Струга 23,1 отсто, Куманово 21,2 отсто, Струмица 19,4 отсто, Кратово 18,9 отсто, Македонски Брод 18,2 отсто и Гостивар 17,8 отсто.

Филипче порача дека вакцините се ефикасни и безбедни и оти единствениот начин да не бидеме затворени и да се вратиме на старите навики е што поголем број на вакцинирани граѓани и само така може да се придонесе до создавање на колективен имунитет и совладување на пандемијата.

Министерот информираше дека ги следат трендовите насекаде во регионот и додаде дека нема некоја голема разлика во опфатот со вакцинација.

-И тука се сите земји. Кај нас близу 450.000 граѓани веќе се вакцинирани, од нив 270 илјади се ревакцинирни, рече Филипче.

Министерот најави дека ќе продолжат да го одржуваат системот со вакцинација вака активен како што е сега: сите пунктови за вакцинација да се отворени, граѓаните се пријавуваат без термин, никој да не се врати и нагласи дека вакцини има сосема доволно.

Тој соопшти дека теренската вакцинација ќе оди по систем на ротација. Тоа значи ако некое место е поминато, кога ќе се поминат сите други места околу тој здравствен дом, ќе се повтори циклусот.

– Отворени се вакциналните пунктови за деца. Околу 1 800 деца се пријавени, а околу 500 веќе се вакцинирани. Меѓутоа сето тоа не е процент што може да не заштити од нов бран. Граѓаните треба да се свесни дека ако не се вакцинираат има сериозно голема шанса да заболат од болест предизвикана од вирус кој многу веројатно ќе ги смести во болница и многу веројатно има голема шанса да имаат компликации. А го имаат овој механизам, инструмент да се вакцинираат и да се заштитат, нагласи Филипче.

Како што информира, од индискиот сој на вирусот во последната недела се детектирани уште пет случаи, а ги има и другите соеви.

-За сите соеви, за сите мутации на вирус, вакцината е единствениот спас и мора граѓаните да се свесни дека тоа е начинот на кој ние можеме да ставиме крај, порача Филипче.

Информираше дека во овој момент прават анализи колку се вакцинирани секторите. Во здравствениот сектор има прилично висок процент, над 85 отсто, од вработените во градинките над 50 отсто, или 54-55, и еднакво толку во основните и во средните училишта.

Најави дека сега ќе почне интезивна комуникација меѓу министерствата за образование и наука и за труд и социјална политика и директорите на институциите за повторно да разговараат со своите вработени и да ги упатат на вакцинација.

– Вакцинацијата не е задолжителна, но во исто време размислуваме да воведеме некакви ограничувања од септември или октомври доколку се соочиме со нов бран. Сепак, не можеме сите да страдаме затоа што некој не се вакцинира. Ние не можеме да живееме затворени. Мора светот да функцинира, да биде отворен, затоа е и всушност вакцината измислена, за да се врати животот во нормала, рече министерот.

Тој посочи дека биле свесни оти во еден момент ќе се соочат со анткваксинална кампања.

– Исто како што се соочивме пред две години кога беше актуелна пандемијата со морбили. Меѓутоа, тогаш како инструмент ја имавме на располагање вакцинацијата и веднаш интервениравме и се сузби епидемијата, за нецели шест месеци значајно се зголеми опфатот на вакцинација. Тогаш воведовме забрана децата да се примаат невакцинирани во градинки и во училишта, изјави Филипче.

И тоа, како што рече, треба да е еден знак и показател што значи и какво моќно оружје е вакцината во борба против пандемијата.

Министерството за здравство информираше дека теренската вакцинација продолжува и денеска во 55 населени места.

Вакцинацијата ќе се одвива во населените места:

Ресен – Рајца, Курбиново, Сливница, Асамати, Претор

Штип – Софилари, Драгоево, Селце

Свети Николе – Кнежје, Ѓузумелци

Демир Хисар – Доленци, Брезово, Зашле, Базерник

Струга – Ложани, Биџево, Ново Село

Крушево – Борино, Саждево, Јакреново

Струмица – Дабиље, Сачево

Неготино – Прждево, Термник

Пробиштип – Пишица

Кочани – Подлог

Кичево – Зајас

Битола – Новаци, Мегленци, Арматуш, Грумази, Гнилеж, Рибарци, Гнеотино, Брод, Бач, Добровени, Скочивир, Сливица, Живојно

Охрид – Речица, Куратица, Завој, Плапе, Свиништа

Македонски Брод – Инче, Зркле, Лупште, Ковче

Велес – Ореше, Нежилово, Бистрица

Крива Паланка – Конопница, Мождивњак

Берово – Русиново

Вкупниот број ковид-дијагностицирани лица во земјава од почетокот на епидемијата изнесува 155 951, на оздравени пациенти е 150 237, на починати е 5 488, а на активни случаи изнесува 226.