За југоносталгичарите: Дали и вие сте навлечени на ’Југословин’?


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Луѓето обожаваат да се потсеќаат на своето минато, бидејќи истото им ја освежува сегашноста. Ама, и тоа не поминува без проблем. Носталгијата за минатите времиња е ништо друго освен микс на лоша меморија и епизоди на добри моменти од минатото. Затоа, носталгичност се јавува не само заради крајот на „некои времиња“, туку заради заборавањето на вистинската форма на спомените. Така, човекот доста често станува роб на желбите за навраќање на едно време кое, додека траело, не било баш – сјајно.

Колку е носталгијата дел од секојдневието, може да се согледа од различни агли. Неговата впиеност во денешните случувања е толку голема, што без тоа, нашето општество би било празно, објективно, искрено и веројатно помалку комплицирано. Главните постулати на генералната носталгија лежат во следните компоненти:

Croatia Yugonostalgia• Социјална карактеристика на времето
• Стопанска карактеристика
• Политичката карактеристика
• Технолошка критика

Отприлика, сите тие компоненти функционираат како ’врзани садови’, а од друга страна, сите тие компоненти, во зависност од навраќањето низ времињата, или чинат, или нечинат. Сите заедно. И се разбира, целата таа носталгија ја избива човечката омраза спрема технолошкиот напредок и темелите на модерното време, раѓајќи го во секого оној „анархо–примитивистички“ дух. Сето тоа во поткрепа на минатите компоненти кои биле и се одлика на (поминатото) време.

Во рамките на нашето општество, главните носители на минатото се луѓето кои израснале во дијаметрално различно време, во поглед на буквално сите параметри: различна економска и политичка платформа, различен социјален систем, различно образование, различна култура, и најбитното – различна држава! Останатите, се само носталгичари од Југословенскиот second hand shop, т.е. продолжуваат да ја ткаат носталгичната јамболија онака како што ја восприемале од она што е достапно, што може да се восприема од околината (неретко и културно наследство), како и од оние оригинални раскажувачи. А тие, пак, оригиналните, се израснати во духот на луѓе кои успеваат да ги пренесат само некои од социјалните карактеристики на своето време, конфузно измешани со носталгични сеќавања на „пусто турско“ и „Ѓерманците и Таљаните“, во време на НОБ. Останатото, е зафатено со гломазната верзија од неколку гигабајти на Јосип Броз Тито, за што во РАМ меморијата на популацијата од пензионерски години, скоро веќе и да нема место, па се случува оној карактеристичен format FAT32.

27.08jugonostalgija3Бидејќи најголем дел од популацијата која ја билда нашата општествена платформа припаѓа на популацијата која своите добри моменти ги помина во тоа поранешно време, истото тоа време во вид на плима скоро константно го нагризува нашиот општествен кордон.

Како изгледаат тие напливи на генерална носталгичност? Бидеќи истото се случува по сектори кои се прилично врзани, истото има комплексна сериска верзија. Истите се случуваат само во контакт на нагли промени кои се случуваат во денешното динамично доба (не се толку нагли колку што се тешки за перцепција за некој кој се уште живее во Југославија).

Така, почнувајќи од споредба со социјалната структура, просечен уживател на носталгичниот аналгетик наречен Југословин, дискутира за социјалната утопија на Југославија, изградена во „братството и единството“, кое не било само во референците на Тито, туку и во пракса: секој на секого му помагал, и најчестиот пример за човек кој во случај на живот или смрт е на право место и дава безусловна помош, а истиот е 99 проценти од приказните од друга националност (со тоа, се поткрепува братството и единството).

Се зборува за мирот на тоа доба, дека слободно можело да се спие во парк, без никој ништо да ти направи. Се зборува како немало хомосексуалци, немало наркоманија, болести и други девијантности. Отприлика, приказните тука завршуваат заради нивната површна конструкција, изградена во генерално познати и пресликани примери, кои се користат и денес, во флексибилна варијанта.

27.08jugonostalgija5Во секоја година од 80-те имало над 1000 штрајкови низ Југославија, а просечната работничка плата изнесувала 116 долари

Што се однесува на „стопанската носталгија“, постои прилична едногласност. Со восхит се зборува за бројните фабрики и ројот на работници напуштајќи ги истите во 15:00 часот. Тоа е доволно за да се загарантира економската папка на југословенската РАМ меморија. Аналогно на фабриканството и вработеноста, се зборува и за високите примања, можноста да се приуштат многу работи, да се платат сметки и да се планира одмор.

27.08jugonostalgija6
За политичката карактеристика не се зборува многу, освен за гордоста на геополитичката рафинираност на Југославија, наречена ЈНА, посебно за нејзиниот ранг – „четврта најсилна армија во Европа“. Не се зборува многу, меѓутоа се знае дека неврзаноста на другарот Тито, со тенденција кон „Мајка Русија“ (барем на населението) била сосема исправна работа, која не успеала само заради „крволочноста“ на западњачката, „неисправна“ политика.

27.08jugonostalgija8
Во Југославија беа стандардни рестрикциите на струја, недостигот на основни продукти во продавниците, како и боновите за нафта, бидејќи имаше месечни ограничувања

Критиката кон техничко–технолошката категоризација на времето е најкомплексниот момент воопшто. Тој ги опфаќа сите сфери на општеството воопшто, меѓутоа, она што е најинтересно, критиката прави спојка со неверојатна моќ за ажурирање. Па така, ако минатите категории на меморијата претставуваа мост од едно во друго време со дијаметрални разлики, критиката кон технолошкото доба може да претставува и критика кон периодот од само пред неколку години!

Во истата критичка база, учествуваат практично сите. И оние, чија меморија е зафатена со другарот Тито; и оние, класичните преработувачи на Југословенските приказни, меѓутоа и на оние, кои не се сеќаваат ниту на „Азбука на природата“ што ја даваа на Прва.

Истите тие, се зафаќаат со проблемите на младината, посебно на онаа геенрација која во овие моменти го војува своето детство, својот најубав неперцептивен и неслободен период од животот. Веројатно критките кон технолошката карактеристика, заедно со критичко–апологетскиот момент кон однесувањето на најмладите влече корени од југословенските побуди за здрава Титова (о)младина. Промените на социјалната конвергенција на младите во технолошкото доба најчесто се смета како носител на сите, буквално сите проблеми на денешниот век.

27.08jugonostalgija7

Истото се забележува во секодневието. Се зборува за детскиот џагор по сокаците, за играњето „топка“ на стативи направени од два камења; за криенките (според носителот на нашиот државен дијалект, игра позната како „жмурка“), буквално за здравиот живот и уличната школа на младите. Се констатира со жалење дека истото веќе го нема, бидејќи денешните деца „виселе“ на Фејсбук по цел ден, а сите нивни социјални вештини имале „сајбер“ предзнак и слично. Всушност, носител на носталгијата тука е детскиот „џагор“, кој веројатно им фали на носталгичарите како што им фали и маршалот.

Реалниот проблем во целава ситуација, кој се надоврзува на равенката за носталгијата која ја спомнав погоре е селективната меморија. Оние, носталгичарите, не можат или не сакаат да се потсетат дека токму тие беа најостри кон детскиот „џагор“ извикувајќи транспаренти од типот „одете, урлајте кај random момче од дружината дома кај него!“. И за „играњето топка на улица“ е истиот муабет. Денес им фали, меѓутоа, токму тие беа главните егзекутори на родителската инвестиција наречена топка доколку истата им дојдеше во нивниот домет наречен двор, бавча, тераса или прозорец. Тие нејќат или не можат да се сетат дека своевремено „каменот – статива“ не носеше убав призвук, туку тоа беше максималното ala Africa решение кон постигнувањето на можноста да се „игра топка“ во сокакот/дворот/полјаната. Всушност, сите тие игри во денешно време се нешто што можат да го приуштат деца кои живеат во населби/држави/региони за кои стискаме лајкови на фејсбук, во знак на симпатии и поддршка, а одвреме- навреме, може и некоја донација да се собере.

27.08jugonostalgija4
Она што најмногу се заборава е моментот дека голем дел од таа популација која учествуваше во утопистичкиот феномен наречен „детски џагор“, исто така, беше „изедена“ од технологијата на динамичното време. Со градација. Така, сите ние дремевме на флипери вртејќи го „Мустафа“, а претходно дремевме по дома, билдајќи рекорди на феноменалниот Тетрис. А, понатаму, ако се погодеа условите, во нашиот дом почнуваше домаќинската „Илијада“, меѓу родителите претставени во Троја и Хектор, и децата, како Ахил, во поход по термин на телевизорот и уживајќи во убавините на јапонската уметност, неговото височество Nintendo, преточена во дискети на кои пишува 99 999 in 1. Тек понатаму почна да наѕира play station-от, и сите останати афинитети на глобалното, технолошко доба во функција на забавата и слободното време. И многу други работи. И на крајот, тоа што денес нема џагор, не е дека децата дремат 24/7 на компјутер за разлика од „поранешните“, туку проблемот е демографски. Нема деца. Толку е едноставно.

По се изгледа се работи за доста специфична селективна меморија.
Проблемот лежи во тенденцијата да ги прикаже работите поинакви од она што се, и она што биле. Тоа претставува дополнително обременување на денешните време и целиот хаос околу дијагностицирањето на болестите на модерното доба.

Од една страна, така се билдаат некои вредности на минатото време, а од друга страна, без стабилна основа, се толкува теоријата на декадентноста и деволуцијата, односно за губењето на вредностите на денешното време, на денешната младина, токму заради модерното време и сите афинитети на модерното време. И така, автоматски се обвинува глобализацијата, западната култура и се што претставува поинаква страна на суштината на денот во корелација со минатото (најчесто Југословенското).

27.08jugonostalgija9
Доколку се послужиме со лесно употребливи методи (обсервација, дедукција, копарација, анализа, …), тогаш ќе се види дека за секој момент и пример од минатото на денешните „сонувачи“, постои малку поголем и грандиозен проблем, кој некако се избришал од колективната, по се изгледа, краткотрајна меморија на луѓето.

Една од лошите страни на ситуацијата е во величањето на минатото време преку искривени постапки, а од друга страна е и еволуцијата на колективната амнезија. Така, денешното време, безразлика дали се работи за државно, регионално, европско, светско ниво, во иднина, доста лесно може да има две референтни улоги. Едната, како добро време, а другата, како добро време, меѓутоа период како прекршување на вредностите спрема прекрасното, утописко општество од Југословенскиот период.

И за да не испадне дека насловот претставува критика на југословенското доба, би поставил претпоставка дека колективната амнезија е одлика на генералната раса на планетата наречена луѓе. Па затоа, тука има улога и доста често искубаната и просторно-културолошки прилагодена анегдота, која всушност може да го објасни целиот овој текст: „На Евреин од Полска најубаво му било во периодот на Втората светска војна, затоа што тогаш бил млад“.

Пишува: М-р Горан Китевски, помлад асистент на Институт за географија при ПМФ

ПОВРЗАНО: Митот за успешноста на југословенскиот социјализам (ВИДЕО)