За 200.000 евра странски државјанин легално може да земе македонски пасош


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Преку специјализирани веб-страници за инвестиции во странство Македонија се посочува како поволна даночна средина, а како главен бенефит од македонскиот пасош се наведува дека со него може да се патува во 125 дестинации, како и дека е потребна инвестиција од 200.000 евра, пишува Дојче веле.

„Можете автоматски да добиете македонско државјанство со инвестирање на 200.000 евра. Оние коишто ќе го добијат ова државјанство ќе имаат право на слободно движење во Хонг Конг, Јапонија, Сингапур, Турција и во европската Шенген зона, како и е-виза за Индија и пристап до вкупно 125 дестинации. Граѓаните исто така ќе имаат можност да го пренесат државјанството на идните генерации, со пристап до стратешки трговски пазар и многу повеќе“, ова се дел од ветувањата коишто можат да се прочитаат на специјализирани интернет страници за инвестиции во странство, а коишто се наменети за бизнисмени коишто сакаат да инвестираат во Македонија.

Еден од нив е и сајтот на Наираметрикс (Nairametrics) – компанија за финансиски ресурси со седиште во Нигерија, со посебен фокус на финансиска писменост, застапување за инвеститори и деловна интелигенција, којшто деновиве објави текст во којшто се наведува дека „македонско државјанство по инвестиција може да се добие без минимални барања за престој или јазик.

– На македонската влада ѝ требаат богати и талентирани поединци кои можат да инвестираат во земјата и да ја поттикнат нејзината економија. Да се ​​биде државјанин значи да се обезбедат бенефиции како што се слободно движење во повеќе земји – наведува Наираметрикс.

Праксата за издавање на „златни пасоши“ во Северна Македонија не е новина и функционира со години наназад. Ваквата можност е уредена со член 11 од Законот за државјанството на Северна Македонија, кој предвидува дека странец кој наполнил 18 години живот може со природување да стекне државјанство ако тоа претставува особен научен, економски, културен, спортски или други национален интерес.

– Од 2005 година кога е донесена посочената Уредба (“Сл. весник на РСМ,, бр.9/05; 161/12; 255/19 и 42/21 ) заклучно со 31.12.2022 година со македонско државјанство се стекнале вкупно 121 лице од економски интерес, потоа 12 лица од културен интерес, 12 лица од научен интерес и 134 лица од спортски интерес – велат од македонското Министерство за внатрешни работи за Дојче веле.

Најголем број од државјанствата се издадени изминатите години, додека лани, според податоците на МВР, е одговорено позитивно на само две барања.

Наираметрикс во текст во којшто ги објаснува сите чекори како инвеститорите да дојдат до македонско државјанство посочува дека постапката може да се заврши во рок од два до пет месеци со минимална инвестиција од 200.000 до 400.000 евра без минимални барања за престој или јазик. Северна Македонија се опишува како земја во Југоисточна Европа со живописни реки и планински региони, која има просперитетна економија со добри земјоделски и трговски перспективи и богато културно наследство. Но, и со пријателска култура и како поволна даночна средина.

– Програмата за државјанство по инвестиција во Северна Македонија им овозможува на странските државјани да инвестираат во земјата и да аплицираат за алтернативно државјанство. Земјата може да се пофали со динамична економска клима и подем на земјоделството и преработувачката индустрија, одлична за деловни инвестиции и раст – се наведува и на веб-страницата на фирмата Henley & Partners, која што се рекламира како глобален лидер за престој и државјанство по инвестиции. Секоја година, стотици богати поединци и нивните советници се потпираат на нивната експертиза и искуство во оваа област, а наведуваат дека имаат над 35 канцеларии ширум светот.