Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Огромна вулканска „платформа“ составена од вулкански камења и карпи, со површина од 150 квадратни километри, плови по Тихиот Океан упатена кон австралиското копно.
Научниците објавија дека низ океанот плови огромна маса на лесна, сунѓереста карпа од вулканско потекло. Прв пат овој феномен го забележале австралиски научници кон средината на август, а потоа и други поморски истражувачи и морепловци, кои случајно со бродовите впловиле во оваа чудна пловечка маса.
Сплавот од пемза – кој е голем како 20.000 фудбалски игралишта и е составен од вулканска карпа која е доволно лесна за да плови на површината на водата – се појавил пред само неколку недели, најверојатно по вулканска ерупција во близина на Тонга.
Вулканолозите сметаат дека оваа маса потекнува од подводниот вулкан во близина на Тонга , кој еруптирал на 7. август. Овие карпи се лесни , шупливи и настануваат кога лавата пребргу се лади. Австралиска двојка впловила случајно во оваа наслага со својот брод.
„Брановите одеднаш се смирија и бродот запре“, велат Мајкл Хулт и Лариса Брил за феноменот што го доживеале ноќта на 16 август. „Пловечки делови се протегаа , осветелени од Месечината до каде што допираше погледот“.
Во еден момент тие биле заглавени, но успеале да се извлечат. Земале примероци од карпите, со големина на кошаркарска топка и ги испратиле на универзитетот Квинсленд.
Геологот Скот Брајан од Технолошкиот универзитет во Квинсленд вели дека ваквите маси во регионот можат да се видат на секои пет години. „Овој феномен се јавува од време на време. Бидејќи островите се наоѓаат во средина на океанот, луѓето ретко го забележуваат .“, објасни тој. „Понекогаш се чини како целиот океан да се претворил во земја“.
Иако вулканскиот феномен би можел да биде опасност за други пловила, вестите за формирањето на сплавот се добредојдени за научниците, особено затоа што тој се движи кон источниот брег на Австралија.
„Ова е потенцијален механизам за обновување на Големиот корален гребен. Врз основа на вакви настани што ги проучувавме во текот на изминатите 20 години, ова ќе донесе нови здрави корали и други жители на гребени на Големиот корален гребен – истакна Брајан
„Во моментов пемзата ќе биде гола и бесплодна, но во текот на следните неколку недели ќе почне да добива организми кои ќе се прикачуваат за неа. Ќе биде способна да собира корали и други организми што градат гребени и потоа ќе ги донесе до Големиот корален гребен. Секое делче пемза е средство за сплаварење. Тие се дом и превозно средство – морските организми да може да се прикачуваат и да се возат низ длабокиот океан за да стасаат до Австралија – објаснува Брајан.
„Во моментот има повеќе од трилиони парчиња вулкански камен, но масата на крајот ќе се распадне и растури низ целата област“, додаде тој.
„Сплавот“ со големина од 20 000 фудбалски игралишта моментално се упатува кон Фиџи и најверојатно ќе ги помине Нова Каледонија и Вануату, а делови може да стигнат и до Австралија.