Вучиќ за Црна Гора и Косово: „Какви авиони имаат – подобро ќе беше да купевме спреј против комарци“


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Српскиот претседател Александар Вучиќ ги обвини црногорскиот премиер Мило Ѓукановиќ и косовскиот премиер Аљбин Курти дека „шират соголена омраза кон Србите и Србија“ и дека имаат најистакната улога во кампањата на лаги против официјален Белград.

Во обраќањето преку весникот Информер, Вучиќ кажа дека кампањата на „жигосување на Србија“ од одделни центри на моќ и делови од регионот се спроведува интензивно во последните шест месеци.

„Не од вчера, најистакната улога во соголената омраза кон Србија доаѓа од Аљбин Курти и Мило Ѓукановиќ. Се разбира дека секогаш се служат со соголени лаги за себеси да се претстават како жртви, а Србија како опасен агресор кој ги загрозува“, кажа српскиот претседател.

Тој кажа дека тие двајца сега го искористиле „легитимното, целосно регуларно и транспарентно“ купување на кинескиот противвоздушен систем ФК-3, за на целиот свет да му кажа дека Србија е кинески и руски пријател и дека некого загрозува, иако е опколена од НАТО.

„Како тоа ги загрозуваме со дефанзивно оружје, не се во состојба да кажат. Бидејќи тоа е систем кој служи за одбрана од крстосувачки ракети и авиони кои би го нарушиле воздушниот простор на Србија. Како тоа ги загрозуваме Приштина и Подгорица? Какви воздушни сили имаат, подобро ќе беше да купевме спреј за комарци“, кажа тој.

Вучиќ ги критикуваше тврдењата на Курти дека Србија го купила тоа оружје бидејќи е во паника да не остане сама.

„Србија, како воено неутрална земја, е сама во целиот поширок регион. Во циркусот секогаш гледате лавови, слонови, тигри, но никогаш волк самотник. Секогаш повеќе би бил волк самотник отколку бесрамна, неморална хиена, колку и да има хиени. Без оглед дали ги има три, пет, шест или 19… На хиената мора да ѝ ја признаете крвожедноста, ако ништо друго. Уште полошо е да се биде мува која се врти околу хиената и чека да донесе плен, како што се Курти и Ѓукановиќ“, кажа Вучиќ.

Тој оцени дека Курти и Ѓукановиќ имаат многу поголеми проблеми, како криминалот, корупцијата и економијата.

„Мојата молба до вас е да ја оставите Србија на мира. Србија ќе го најде својот пат. Горди сме на фактот дека сакаме да ја зачуваме нашата земја, а не НАТО да го прави тоа во наше име. Во тоа се разликуваме и не се срамиме од тоа“, кажа Вучиќ.