Вучиќ си ги истера изборите, па враќа дел од рестриктивните мерки во Белград – студентите му излегоа на протести


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Откако првично целосно ги олабави рестриктивните мерки, пред одржувањето на изборите во Србија на кои убедливо победи неговата партија, српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека две недели ноќните клубови и „сплавови“ ќе се затвораат од 23:00 до 06:00 часот, но истото ќе важи и за кафулињата и студентстките клубови.

-Би сакал да имаме поповолна ситуација, но најголем проблем е Белград. 82,5 отсто од заразените се во Белград, вели Вучиќ.

Тој објасни дека во српската престолнина живее 22 отсто од населението и оти Белград е ново жариште.

Најавено е затворање и на студентските домови. Меѓутоа, белградските медиуми пишуваат дека откако Вучиќ разговарал со студентите, таа одлука е повлечена.

За студентите кои нема да ги почитуваат мерките следува казна меѓу 5.000 и 6.000 динари (2.600 – 3.100 денари).

Во затворен простор ќе биде дозволено собирање до 100 луѓе, а на отворено до 500.

-Тие мерки кои стапуваат во сила од утре, а ако не дадат резултати и не биде доволно ќе одиме понатаму. Да можев да одлучев сам би го затворил Белград и би вовел полициски час, истакна Вучиќ, додавајќи дека ако мерките не дадат резултати во следните четири дена српскиот главен град ќе биде затворен.

Одлуката на српските власти да се затворат студентските домови како мерка против ширењето на ковид-19 вчера вечерта предизвика протести во Белград, на студентите од студентските домови во главниот град на Србија.

Први се собраа студентите од Студентскиот град на кои потоа во маршот низ градот им се пркилучија и оние од домовите од Звездара, Карабурма, Вождовац и други.

За време на маршот кој се движи кон Собранието, студентите користат свирчиња и извикуваат „Не сакаме дома“. Тие најавуваат дека нема да ги напуштат собите. Порачаа дека ако до утре до 18 часот не се повлече одлуката, студентите од сите студентски домови ќе се упатат пред Владата. За утре најавија дека своите барања ќе им ги предадат на управниците.

На местото каде се собраа на кружниот тек во близина на зградата на Општината Нов Белград дошла и полицијата.

Мерката за затворање на студентските домови ја соопшти претседателот Александар Вучиќ во интервју за РТС, за време на кое, според снимките што ги пренесоа српските медиуми, студентите од домот „Слободан Пенезиќ“ во знак на негодување тропале на тенџериња.