Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Денеска продолжува протестот кој вчера го започнаа матичните лекари во Македонија. Во ординациите одат само најитните случаи и тие се целосно прифатени од матичните лекари.
-Ние гледавме хуманоста да биде на прво место, ова не е штрајк туку протест. Избравме модел според кој сме достапни за нашите пациенти со кои го имамем поминато целиот работен век. Значи не го користиме системот МојТермин за издавање рецепти и упати, но имаме наши софтверски програми, така што и медицинската евиденција секако е заведена и електронски и во картоните на пациентите. Ова е искажување револт спрема надлежните, не спрема нашите пациенти, барањата ни се суштински, тие се за опстанокот и тие се упатени кон ФЗОМ и Министерството за здравство. Сме ги повториле стотици пати во изминативе години. Темата ја елаборираме 12 години пред сите министри по ред. МНогу години трпение е ова, имаме многу административна работа, наместо да се грижиме за пациентите, да се дообучуваме како лекари, да применуваме нови методи за лекување, нас не претворија во некакви писари. Сепак, и во овие денови на протест ги прифаќаме сите пациенти на кои им е неопходна итна помош, тие се советувани, истријажирани, упатени каде што треба. Пациентите не поддржуваат максимално, се солидаризираат со нас. Мора да се седне на маса со надлежните и да се решат овие долгогодишни проблеми, бидејќи здравството треба да биде достапно за граѓаните во целата земја, во сите градови, а не само во Скопје, изјави за Фактор д-р Лилија Чолакова Дервишова, претседател на Здружението на матичните лекари.
Истовремено, д-р Тања Дејаноска, претседател на Комората на приватно здравство при ССК истакна дека максимално го поддржуваат протестот и оценува дека капитациониот бод за матичните лекари и матичните стоматолози во ниту еден момент не смее да се сведе на политичка одлука, пресметката мора да се направи според посебна методологија.
-Поради фактот што се појавуваат ад-хок здруженија кои се обидуваат да прикажат извртена слика во јавноста нагласувајќи дека не го поддржуваат протестот на матичните лекари, ние кои сме формирани како нешто многу поголемо и многу посериозно, а се нарекуваме Комора на приватно здравство целосно сме на страната на матичните лекари и од јануари наваму апелираме на дијалог, од првиот протест. Повторно ќе кажам дека точката за капитациониот бод за матични лекари и матични стоматолози е поставена од наша страна на дневен ред на управен одбор во ФЗОМ уште на 27 јануари. Оттогаш до денес нема промени.Освен тоа, капитациониот бод не може и не смее да се одредува согласно политичка одлука, мора да се пресмета според посебна методологија. Она што е најсериозен проблем во сето ова е дека енергетската криза дефинитивно ќе удри најсилно по ординациите на лекарите посебно во руралните средини и во помалите места и тие ќе бидат приморани да ги затворат нивните ординации. Лекарите значи ќе останат без работа, а пациентите во тие места ќе останат без лекари. Ќе се создаде вистински хаос, вели д-р Дејаноска.
Очекуваат дека можеби овој министер ќе најде време и начин да ги прими и да се реши нивниот долгогодишен проблем. Инаку, министерот за здравство Беким Сали уште во текот на минатата недела изјави дека не го поддржува најавениот протест на матичните лекари од 5 до 7 септември.