Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Кривичниот совет на Врховниот суд утре на седница која ќе биде затворена за јавноста, ќе расправа по барањето на Специјалното јавно обвинителство за законитоста при одлучување за притвор за градоначалникот на општина Пустец, Едмонд Темелко и за одлуката за притвор на градоначалникот на општина Битола, Владимир Талески.
Највисокиот суд во февруари веќе одлучуваше и донесе одлука за предметот со Темелко, но одлуката, како што рече претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски, не била верифицирана и не влегла во АКМИС системот. Тоа, објасни Вангеловски, остава простор за судиите кои одлучувале, да побараат пререферирање на предметот, а потоа одлуката да биде потврдена. Бранителите на Темелко, пак, побарале судијката Лидија Неделкова да биде изземена, поради што Кривичниот совет при Врховниот суд одново ќе одлучува. Темелко, е еден од осомничените во првата истрага што ја отвори СЈО според број на осомничени, под кодно име „Титаник“, која се однесува на сомневања за изборни нерегуларности извршени во 2013 година.
Во барањето за заштита на законистоста, пак, во вториот случај, ќе се преиспитува и одлуката за притворот на градоначалникот на општина Битола, Владимир Талески. Според барањето, одлуката е донесена во „непрописен совет“, односно поради тоа што судијата Јани Нича одлучувал во Кривичниот суд за предметот, а потоа станал судија во Апелација каде што повторно бил дел од судиите што одлучувал по предметот.
Талески е првоосомничен во случајот „Транспортер“, во кој тој и 22 лица се товарат за злоупотреби и за малверзации со превозот на ученици во Битола, „тешки“ 360.000 евра. На Талески му беше одреден куќен притвор, а потоа по барање на СЈО двапати му беше продолжен притворот. Апелацискиот суд го одби барањето на СЈО на Талески третпат да му биде продолжен куќниот притвор и наместо оваа мерка, му наложи на битолскиот градоначалник двапати неделно да се јавува пред судот. СЈО потоа ја обжали одлуката, а Талески беше пуштен да се брани од слобода. СЈО поднесе обвинителен акт и се очекува во текот на неделата да биде закажано првото рочиште за случајот.