Актуелно

Врховен и Кривичен нови претседатели ќе добијат после Нова Година

Кривичните пријави и претставките кои ги имаат поднесено или кои ги имаат добиено од свој колега кандидатите за претседатели на Врховниот и на Кривичниот суд нема да влијаат врз оценувањето и врз нивниот избор за претседател, тврди претседателот на Судскиот совет, Зоран Караџовски. 
Кривични пријави имаат Владимир Панчевски и Иван Џолев, противкандидати за Кривичен, а претставки се поднесени против нив, но и против Лидија Неделкова и Јово Вангеловски кои се во трката за претседател на Врховниот суд. Советот нема да го земе ова предвид при оценувањето, но според Караџовски, тие генерално негативно влијаат врз угледот на судството.
Ги имаме и предвид и сите можни шиканирања што можат да ги имаат меѓусебно колегите затоа што сега имаме и од една и од друга страна поднесување кривични пријави и претставки, што не е добро. Јас во моментов не можам да кажам кои се побудите за тоа и зошто и кој поднесувал кривични пријави во овој период, вели Зоран Караџовски, претседател на Судски совет.
Караџовски тврди дека вонредното оценување не е на никој начин поврзано со подобрување на оценката на Панчевски со цел тој да добие втор мандат како прв човек на Кривичен. Советот, додава тој, не ја фаворизира ниту судијката Снежана Бајлозова која само неколку месеци е судија во Врховниот суд а веќе е и вршител на должноста претседател.
Тоа што таа беше избрана за в. д. претседател не ја става во фаворизирана позиција, а не можам да се произнесам и за тоа која била причината зошто таа била избрана. Тоа бил ставот на Судскиот совет дека таа во преодниот период може најдобро да го води Судот, изјави Зоран Караџовски, претседател на Судски совет.
Бајлозова денеска присуствуваше на седницата како член на Советот по функција, но ја напушти салата кога беше на дневен ред оценувањето на колегите од Врховен кои се во трката за претседател. Оценувањето ќе заврши денеска, но поради правото на жалба изборот на претседатели ќе се изврши по Нова година.
Advertisements
To Top