Вработените во Југохром в сабота ќе го блокираат патот Тетово – Скопје


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


Вработените во Југохром ќе го блокираат магистралниот пат Тетово -Скопје, ако Владата не се произнесе за одлуката за забрана на работење на компанијата донесена од страна на Министерството за животна средина. Протестот ќе се одржи во сабота во периодот од 10 до 12 часот кај наплатната рамка Желино. Истовремено ќе биде блокиран и стариот пат Тетово – Скопје.

Синдикатот на компанијата и Синдикатот на индустријата, енергетиката и рударството (СИЕР) денеска доставија три барања кои се услов протестот да не се одржи.

Бараме Владата да ја стави во мирување одлуката за затворање на компанијата, а институциите конечно да направат анализа кој го загадува Тетово и колкав е процентот на материии кои се испуштаат од Југохром и го загадуваат Тетово. Од раководството на компанијата бараме додека не се рестартираат печките, статусот на работниците да остане ист, односно да не се отпуштаат од работа. Исто така, бараме сега кога компанијата ги доби потребните дозволи за градење на отпрашувачот во мошне кус рок да ги заврши градежните работи и еднаш засекогаш да се остранат причините поради кои компанијата запира со работење во период кога има најмногу работа, рече претседателот на СИЕР, Пеце Ристевски.

Синдикатот не негира дека Југохром како и секој индустриски капацитет има влијани во загадувањето на околината, но бара институциите да излезат со конкретни бројки за неговото учество во загадувањето на воздухот.

Сметаме дека неправедно компанијата се обвинува дека го загадува Тетово. Тоа ќе го презентираме и на протестот во сабота. Лани кога Југохром беше затворен уште во првите денови загаденоста на воздухот во Тетово беше три пати поголема од деновите кога работевме. Затоа бараме Министерството за животна средина и општина Тетово да ги најдат вистинските загадувачи за да можат 1.000 вработени во Југохром да егзистираат, вели претседателот на синдикатот на компанијата, Бајрам Амити.

Испитувањата кои ги направија нашите инженери, додаде Амити, покажуваат дека оние честички кои го загадуваат воздухот паѓаат на 1,5 до 2 километри од оџаците на фабриката.

Свето Спасовски, член на претседателството на синдикатот на компанијата тврди дека од затворањето на Југохром најголема штета имаат вработените.

95 проценти од вработените во Југохром се од општините Јегуновце и Теарце. За нив и нивните семејства нема друга алтернатива за вработување, бидејќи во овие две општини и поширокиот регион единствен индустриски капацитет е Југохром. Ако добијат отказ од оваа компанија за нив ќе значи пакување на куферите и иселување, вели Спасовски.

За синдикатите е неразбирливо зошто толку долго се чекаше дозвола за градба на пречистителната станица, а во тој период се обвинуваше компанијата дека не ги почитува роковите.

Југохром ги изгаси печките минатата недела по одлука на Министерството за животна средина кое посочи дека компанијата ги пробила роковите за изградба на пречистителна станица за издувните гасови кои го загадуваат воздухот во регионот.

Одлуката, меѓутоа не е потврдена од страна на Владата што е законска обврска. Југохром и лани беше затворен три месеци откако протестираа невладините организации од Тетово кои за загаденоста на овој град ја обвинија оваа компанија.

Министерството за животна средина и општините иако имаат обврска да изготват анализа за тоа кој и колку го загадува воздухот во Тетово и регионот, сѐ уште не ја подготвиле и немаат конкретни податоци за тоа колкав е уделот на Југохром во загадувањето на воздухот на Тетово.