Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Вкусните колачиња Oreo, слатките округли кекси составени од две чоколадни бисквити и кремасто полнење меѓу нив, се познати ширум цел свет. На интернет се водат дури и дискусии како е најдобро да се јадат тие, а на многумина им се омилени потопени во млеко.
Од друга страна, само малкумина посветени фанатици знаат дека фамозните Oreo се само копија на колачињата Hydrox, кои на пазарот со кекси се појавија уште во далечната 1908 година, четири години пред појавата на првото Oreo колаче. И покрај тоа, цел свет денес чул за Oreo, а само малкумина ги знаат оригиналните Hydrox.
Оваа недела, нивната 110-годишна битка за пазарот ја доживеа својата кулминација. Leaf Brands, производител на Hydrox, на Facebook објави дека поднесоа тужба до американската Федерална трговска комисија (FTC) против компанијата Mondelez која ги произведува Oreo, а во која ги обвинуваат дека ги тераат маркетите и продавниците да ги затскриваат колачињата Hydrox за нивната продажба да биде намалена или целосно спречена.
Како што тврдат произведувачите на Hydrox, претставник на еден голем трговски ланец ги предупредил дека „Mondalez ќе ги сокрие нивните кекси по дуќаните за да се осигура дека истите нема да се продаваат и на крајот да престанат да се произведуваат“.
Стравот од стопирањето на производството е оправдан. Откако неуспешно се обидоа да ги ребрендираат како Droxies, тогашниот сопственик на Kellogg’s престана да ги произведува во 2003 година, а повторно се појавија на пазарот кога нивното производство го презеде Leaf Brands.
Како доказ за „валканата игра на Mondelez“ тие објавија фотографија која покажува дека нивните колачиња се сокриени зад други производи, на полици крај кои купувачите ретко поминуваат или некаде надвор од директниот поглед на купувачите. Дури тврдат дека ги кријат зад други нестандардни вкусови на Oreo.
Убедени се дека фактот оти вработени во Mondelez ги полнат и уредуваат полиците во маркетите, наместо тоа да го прават вработени во маркетите, им овозможува на конкурентите да ги кријат Hydrox за што помалку да се гледаат.
Многумина корисници на социјалните мрежи на Facebook коментираа дека забележале оти Hydrox се затскриени или целосно сокриени, а едно лице напиша дека во продавницата кажале оти „луѓето од Oreo се заканиле дека ќе престанат да ги доставуваат своите колачиња ако маркетот не престане да ги продава Hydrox“.
Портпаролот на Mondelez за Gizmodo изјави „дека се убедени оти обвиненијата се неосновани. Oreo е исконски бренд, со богата историја во развојот на одличните вкусови на која тие се горди, како и на тоа дека на купувачите низ изминатиот век им понудиле серија иновации“. „Тоа и нашата посветеност во работата со интегритет ги претворија Oreo во омилени колачиња во Америка“, вели тој.
Пред да ја разгледа тужбата, FTC побара дополнителни информации, но Mondelez не се сомнева дека пресудата ќе биде во нивна корист.
Oreo води на пазарот со заработка од 661,2 милиони долари. Покрај фактот дека лани се продале 40 насто повеќе Hydrox колачиња, а променета е и нивната формула за да не содржат вештачки бои, вкусови и GMO состојки, сепак, Hydrox се далеку зад многу попознатата конкуренција во продажба.
Што се однесува на разликите меѓу нив, сите се согласуваат дека двата кекса изгледаат целосно исто. Иста форма, големина и дебелина, па дури и бојата им е иста. Иако неоки тврдат дека и вкусот им е ист, Foodcrumbles пишува дека Oreo имаат погорчлив вкус, додека Hydrox се поблаги, во нив повеќе може да се почувствува чоколадото и дека се покрцкави. Полнењето (филот) на Hydrox е поинаков, исто така посладок од оној на Oreo.
Листата на состојки им е доста слична. Разликата е во тоа што Hydrox содржат повеќе шеќер, а Oreo содржат и шеќер и пченкарен сируп.