Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Според соопштението кое го објави Основниот кривичен суд Скопје, обвинителниот акт за случајот „Моќник“ се одобрува во целот. Во овој случај им се суди на потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ и пратеник, Антонио Милошоски, неговиот татко, потоа на поранешниот градоначалник на општина Македонски брод како и на членови на расформираната Комисија за верификација на фактите (Лустрациска) комисија, пренесува Мета.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ е третообвинет и се товари за делата „измама“ и за „злоупотреба на службената положба и овластувања“. Прв и втор обвинет се неговиот татко и поранешниот градоначалник Милосим Војнески. Другите десетмина опфатени со обвинителниот предлог се претседателот на поранешната Комисија за лустрација Томе Аџиев и девет члена на Комисијата. Тие се обвинети за злоупотреба на службената положба.
Предметот се однесува на продажба на имот (зграда од 157 квадратни метри и дворно место од 3.920 квадратни метри) во село Ижишта, сопственост на општина Македонски Брод. Сега предметот, според електронскиот АКМИС, ќе се распореди кај судија, кој ќе треба да го закаже рочиштето за старт на судскиот процес. Според обвинението, штетата што е направена на општина Македонски Брод и на државниот буџет изнесува околу 50.000 евра.
„Во текот на 2011 година прво и второобвинетиот, заеднички, со намера првообвинетиот да прибави противправна имотна корист, ги довеле во заблуда советниците во Советот на општина Македонски Брод, со лажно прикажување и со прикривање на факти за правниот статус и вистинската вредност на недвижностите – предмет на продажба. Тие ги навеле советниците да изгласаат одлука за отуѓување на недвижен имот за кој советниците сметале дека е ’поранешниот задружен дом‘, а всушност одобриле отуѓување на зграда и дворно место во село Ижишта – Македонски Брод, која ја користела општина Пласница. Со продажбата на објектот нанеле штета на Северна Македонија во значителна вредност од 1.795.800 денари (околу 30.000 евра) и за продажбата на земјиштето нанеле штета на општината Македонски Брод во значителна вредност од 1.176.000 денари (речиси 20.000 евра)“ велат од ОЈО – Скопје, кое го поднесе обвинителниот акт на 24 август годинава.
Според Обвинителството, пратеникот Милошоски, искористувајќи ја својата позиција, вршел континуиран притисок врз државните органи, Државното правобранителството и судовите, за да не ја поништат продажбата на имотот.
Милошоски, според Обвинителството, го поттикнал и претседателот на Лустрациската комисија, Томе Аџиев, да отвори постапка за лустрација на судија. Кога беше отворена истрагата „Моќник“, беше посочено дека станува збор за судија за кој се сметало дека е близок на градоначалникот на Пласница и може да го штити во судска постапка, па затоа била иницирана неговата лустрација.
Комисијата ја отворила постапката и Аџиев заедно со деветмина членови на Лустрациската комисија, според ОЈО Скопје, иако не биле исполнети критериумите донеле одлука да го лустрираат судијата кој бил времено оддалечен од вршење на функцијата судија во Основниот суд Кичево, а потоа и разрешен.
Кога беше поднесено обвинението од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека станува збор за политички прогон со оглед дека Милошоски е нивен пратеник.
Антонио Милошоски, пак, на својот Фејсбук профил објави дека покренувањето на обвинението против него е јасен сигнал дека власта ги заплашува и врши притисок врз сите што се осмелуваат да ја критикуваат.
„Обвинителството продолжува да биде алатка за притисок на власта кон неистомислениците. Секој опонент на политиката на кланот Заеви кој ги разоткрива аферите на нивното крими-владеење, без разлика дали е новинар, политичар или стопанственик, се соочува со ризикот да биде неосновано обвинет, со цел да биде заплашен, а политичките прогони служат како параван зад кои ќе се кријат актуелните рекети, афери и организиран криминал на власта. Но, се ќе има свој крај, вклучително и политичката злоупотребата на обвинители и судии од страна на власта на Заев“, напиша Милошоски на својот Фејсбук-профил.