Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Другар на трагично починатиот хрватски ракометар Денис Тот и на обвинетите за неговото убиство денеска во судница сведочеше за кобната вечер кога 27-годишниот Хрват беше претепан до смрт пред дискотека во Градскиот парк во Скопје во април годинава.
Мартин Ѓорѓиевски сведочеше дека вечерта од 6 кон 7 април бил излезен заедно со тројцата обвинети Анџело Ѓоргиевски (28), Клементина Левковска (19) и Андреј Костовски (19).
„Анџело и Андреј ги познавам бидејќи живееме во иста населба, во Волково. Сега починатиот ми беше другар и со него се дружевме почесто, бидејќи излегувавме во ист локал, локалот се вика „Две Капки“ и така се запознавме, пет месеци пред да се случи настанот, почесто се дружевме таму“, рече сведокот во судница, пренесе МИА.
Според неговиот исказ, ноќта Тот претерал со алкохолот и тој тоа неколку пати му го нагласил, а потоа и му рекол да си одат.
„Му ја подадов јакната за да си одиме бидејќи ние седевме во горниот дел, а тој долу начека една маса со девојчиња и таму беше. Го повикав, дојде, ја зема јакната, ја испи последната чаша на екс. Во холот каде што се наплаќаат картите се поздравивме и бидејќи сите бевме од Волково и немавме толку финансии да си плаќаме такси секој посебно, а јас мојата кола ја имав оставено пред кафеаната „Две капки“, се договоривме ние што сме од Волково да одиме до мојата кола со таксито и од таму да ги префрлам сите“, рече Ѓорѓиевски.
Тој кажа дека прв излегол од клубот, видел такси пред вратата и прв влегол во возилото.
„Јас бев зад совозачот, потоа мислам дека Анџело седна до мене на средина, а Клементина влезе од левата врата. За да седне и Виктор, Клементина се префрли кај Анџело во скут. Денис влезе во таксито и му кажавме да излезе, бидејќи чекаме да влезе другар, но тој упорно се пикаше во колата и почна да упатува погрдни зборови кон Клементина: ’што сакаш ти к*рво мала‘ и кон Анџело: ’ти да ќутиш‘. Анџело му рече: ’полека малку, смири сè, а Клементина му нагласи: ’излези, не е за тебе местото‘. Тој дел од секундата почна некојаси турканица внатре во таксито и имаше напад кон Клементина и Анџело од страна на Денис“, тврдеше сведокот.
Потоа, според неговото сведочеше, Анџело извикал „што ме маваш“ и рече дека сè тоа се случило во неполна секунда. Кога сведокот излегол од таксито, сега починатиот Денис Тот, веќе паѓал на грб и тој веднаш се стрчал да ги раздвои.
„Тоа беше шок за мене, сепак, Денис ми беше другар, секој втор, трет ден во неделата ние бевме заедно“, рече Ѓорѓиевски.
Денешниот сведок беше предложен од страна на одбрана. На минатото рочиште исто по нивен предлог сведочеа и две докторки – психијатар и специјалист по медицинска психологија.
На почетокот на судскиот процес, тројцата во своите воведни зборови пред судот тие порачаа дека никој од нив не сакал да се случи тоа. Нивните адвокати, пак, настапија со теза дека овој кривично-правен настан не може да се квалификува како убиство бидејќи не постоела умисла.
Обвинителката Тања Трајчевска, пак, прва ги кажа воведните зборови и го опиша кобниот настан. Расправијата на тројцата обвинета со ракометарот започнала во такси-возило, а потоа продолжила и надвор од него. Преминала во физичка пресметка во која Тот се здобил со повеќе удари, прво тупаници од кои паднал на асфалтот. Додека лежел, пак, според обвинителството, добил повеќе удари и со нога и со рака по главата и телото. Од тешките повреди Тот паднал во коматозна состојба, кај него било констатирано и нагмечување на мозокот, дошло до прекин на активноста на мозочните неврони, а сето тоа наредниот ден (8 април) резултирало со смрт.
Во досегашниот судски процес за убиството на Тот, во судница се сослушаа неколку сведоци, како и воведните зборови на странките. Во судница на рочиштето на 14 септември дојде и таткото на Денис, Игор Тот, кој порача дека очекуваат да се дознае вистината, да се види дали обвинетите се виновни и, ако се виновни, да има соодветна казна.