Во Скопје притворено лице поврзано со двојното убиство во „Шиша бар“


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Осомничениот за убиство, за кого надлежните денеска соопштија дека е задржан во 48-часовен притвор, неофицијално е купувачот на автомобилот марка „Ауди“ кој беше пронајдено запалено по двојното убиство, пренесува „Фокус“.

Ниту од Кривичниот суд, ниту од Јавното обвинителство, со образложение дека повеќе детали соопштени во јавноста би можеле да ја попречат истрагата, не потврдуваат дека уапсениот е поврзан со мафијашката ликвидација на Јетон Кривањева и Енес Исени во „Шиша бар“ во март.

Автомобилот „Ауди“ неофицијално бил со потекло од Словенија, но бил увезен во Урошевац, Косово. Убијците наводно ја купиле колата од автоплац во косовскиот град.

-Судија на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје на 31.05.2023 година, постапувајќи по предлог на ОЈО – Скопје, го прифати предлогот и на едно лице му определи мерка краткотраен притвор во траење од 48 часа заради постоење на основано сомнение дека сторил кривично дело Убиство од чл. 123 од КЗ.

Двојното убиство во локалот „Шиша бар“ во Старата скопска чаршија се случи на 6 март. Четворица мажи облечени во црна облека и маскирани со фантомки влегле во барот, најпрвин претставувајќи се како полицајци и извикувајќи „рација“, се качиле на вториот кат од локалот и почнале да пукаат. Испукале 40 до 50 куршуми во главите и телата на двајцата убиени и уште една жртва.

Најголем дел од куршумите завршиле во еден од главните водачи на криминалната група „Дуќанџик“, Јетон Кривањева-Жила и во Енес Исеинов-Љаци од истата група, а мал дел во нозете на трето лице што седело со нив.

По убиството беше најдено запалено „Ауди“, а покрај него беа оставени само лажни регистерски таблички.