Во секое лошо и добро: Студија проценува дека коронавирусот во Кина спасил 77.000 животи


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Според проценките на научната студија и анализите зад кои стои професорот Маршал Бурк од универзитетот Стенфорд, кризата со коронавирусот која опасно ја погоди Кина, истовремено во оваа земја спасила десетици илјади животи бидејќи поради кризата било драстично намалено загадувањето на воздухот.

Бурк во студијата, што ја објави магазинот Форбс, користел податоци од сензорите на американската влада во четири кинески градови за мерење на нивото на 2,5 ПМ честичките, кои што се сметаат за главна причина за смртност предизвикана од аерозагадувањето. Тој ги пресметал ефектите врз смртноста на национално ниво земајќи го просекот од падот на намалување на загаденоста на воздухот.

Утврдил дека намалувањето на аерозагаденоста за два месеца „најверојатно спасило животи на 4.000 деца до петгодишна возраст и на 73.000 луѓе на возраст над 70 години во Кина”. При ваквата конзервативна пресметка на Бурк не биле земени предвид други смртни случаи кај лицата од пет до 70-годишна возраст. Тој ги тестирал неговите предвидувања и со многу поконзеравтивна пресметка и повторно дошол до бројка од спасени животи на 1.400 деца и на 51.700 возрасни.

-И во услови на многу поконзервативни претпоставки спасените животи како поседедица на падот на аерозагадувањето се за околу 20 пати повеќе од бројот на жртви на коронавирусот, напишал Бурк користејќи ја стастистиката објавена на 8 март.

Проф. Бурк предупредува дека неговите пресметки се всушност предвидувања за влијанието врз морталитетот, а не мерења, а неговите бројки не ги вклучуваат другите негативни последици од кризата со Ковид 19.

-Сепак, пресметката е можеби корисен потсетник на често скриените последици по здравјето, односно на значителната цена по нашето здравје која ја плаќаме поради нашиот востановен начин на живот. Ковид-19 може да ни помогне да ја видиме многу појасно цената што ја плаќаме. Гледано пошироко, падот на загадувањето од ваков размер може да води и до многу поголеми бенефити, сугерирајќи ни дека треба да го промени начинот на живеење, вели Бурк.

Ефектите се најдраматични во јужна Кина, во градовите Шангај и Вухан, но веројатно тие би можеле да се повторат глобално како расте бројот на земји соочени со кризата предизвикана од коронавирусот. Тоа е особено евидентно во долината на реката По во северниот дел на Италија каде што е забележан пад на емисиите на јаглерод диоскис и на азот диоксид како резултат на редуцираниот собраќај и намалената индустриска активност, потврдуваат од Европската вселенска агенција.

Според Центарот за истражување на енергија и чист воздух, ова намалување на бројката на смртни случаи како последица од аерозагадувањето треба да се случува и на глобално ниво. Само за еден месец тоа би значело избегнување на неколку десетици илјади смртни случаи поради задаеноста на воздухот.

-Ова не значи дека пандемијата се смета како некој вид прикриен благослов, имајќи ги предвид сите страдања што таа им ги донесе на луѓето, но покажува дека може лесно да се надмине хроничната и долготрајна закана по здравјето како што е аерозагадувањето, за кое се сметаше дека е тешко да се најде соодветен одговор, велат од Центарот.

Во меѓувреме, сателитот започнал да регистрира пораст на нивото на загаденоста на воздухот во Кина, како што Владата ги олеснува мерките за кризата со коронавирусот.