Во право е жената: И политичарите имаат право да се забавуваат


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


36 годишната Сана Марин, актуелна премиерка на Финска, за време на прес-конференција на својата Социјалдемократска партија кажа дека таа вредно работи на функцијата шефица на владата.

Додаде дека таа како премиерка би требало да има право на приватен живот и дека политичарите имаат право на забава. Нејзините изјави доаѓаат откако минатата недела се појавија снимки од забава во нејзината резиденција Кесаранта. Таа вчера се извини за фотографија од својата резиденција на која се бакнуваат две жени.

„Јас сум само човек. Минатата недела беше тешка… И јас понекогаш копнеам за радост, светлина и забава среде темните облаци“, кажа Марин на раб на солзи.

Марин е најмладата личност на функцијата премер во светот. На јавноста ѝ порача дека не пропуштила ниту еден ден на работа.

„Сакам да верувам дека луѓето повеќе ќе гледаат на она што го работам на работа отколку она што го работам во слободно време. Ниту една задача не е незавршена… Сè уште учам, но својата работа ја работам добро и ќе ја работам добро како до сега. Размислувам за Украина, размислувам за граѓаните и си ја работам работата“, порача Марин.

Прашана дали нешто ќе промени во своето однесување, Марин кажа дека лично не гледа ништо лошо во тоа политичарите да имаат слободно време и да го минуваат со пријатели. „Гласачите треба на избори да проценат дали тоа им е примерно и да го кажат мислењето за тоа“, кажа финската премиерка.

Многу Финки објавија свои видеоснимки на кои танцуваат и пијат за да ја искажат својата поддршка за премиерката, додека Марин кажа дека се надева дека во 2022 година ќе биде прифатено дека дури и оние кои носат државни одлуки можат да танцуваат, да пеат и да се забавуваат.

„Сигурна сум дека постојат и други снимки. Се чувствувам како постојано да ме снимаат и не ми е добро. Дури и нормалните нешта се прикажани така за да изгледаат лошо“, смета премиерката на Финска.