„Во одбрана на Дебар Маало“: Со овој проект ќе се постават темелите за ново „Скопје 2014″


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Здружението Во одбрана на Дебар Маало побара стопирање на постапката за изградба на тунел под Кале и вијадукт кај Владата, зашто со овој проект ќе се постават темелите за ново „Скопје 2014″.

На средбата со скопскиот градоначалник Петре Шилегов, тие му укажаа дека со капиталниот проект за изградба на вијадукт и тунел под Кале ќе се пробие градски автопат низ срцето на Центар спротивно на современите тенденции за организирање на градскиот простор, тоа ќе го задави Скопје, енормно ќе се зголеми урбаниот хаос и загадувањето во градот што е на врвот од листата на најзагадени градови во Европа и светот, ќе се уништи јавното добро и квалитетот на живот на жителите.

Претставници од иницијативата му укажаа на градоначалникот Шилегов дека актуелизира решение старо половина век. Тие побараа да се стопираат распишаните тендери за изготвување на проектната документација и да се отвори јавна и транспарентна расправа со работилници во што ќе бидат вклучени и граѓаните и стручната јавност, а не само одбрани поборници на застарен пристап кон градот. Побараа ажурирање на податоците врз кои се базира решението за спојување на северот и југот на Скопје со автопат низ самиот центар.

„Сметаме дека градот треба да им припаѓа на луѓето, а не на автомобилите. Автоцентричниот пристап не само што е застарен, туку е и погубен за здравјето на луѓето”, истакнаа од Здружението на средбата со Шилегов, што се одржа на 4 септември во просториите на Град Скопје.

Во одбрана на Дебар Маало реагира и против сообраќајното решение за дел од Голем Ринг на град Скопје предвидено со ГУП од 2012 и ново проширување на булевари во центарот на градот. Од иницијативата бараат итно запирање на постапката за реализација, отпочнување на нова процедура за партиципативно изнаоѓање решенија и идеите за ново проширување на булевари во Мал и Голем Ринг, да се вратат дрворедите и создадат нови пешачки зони. Тие поддржуваат решенија за градскиот простор со кое животот на сите жители ќе биде подостоен, поздрав и побезбеден, но тврдат дека проектот во изработка за мост и тунели под Калето не се одговорот.

„Јавноста не е запознаена со финансиската и општествената полезност на проектот и Градот не овозможил учество на сите засегнати страни во одлуката за тоа како ќе се користи градскиот простор во контакт зоната на оваа голема сообраќајна траса, односно какво влијание ќе има проектот врз квалитетот на социјалниот јавен градски простор долж целиот предвиден коридор. Слични пракси се причина за хаосот во Дебар Маало и реализацијата на Скопје 2014. Се поставува и прашањето дали токму сега се актуелизира градењето на тунел и вијадукт поради можноста на овој начин да се опслужи контроверзниот проект Лимак кај Старата железничка станица и предвидените градежни активности на територијата на поранешниот Скопски саем”, истакнаа од Иницијативата.