Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Во нов вооружен напад во САД, 67-годишен маж уби седум лица во Калифорнија во близина на Сан Франциско пред да биде уапсен. Оваа нова трагедија се случува два дена по вооружениот напад во кој загинаа 11 лица.
Најновиот напад се случи на две одвоени локации во заливот Халф Мун, на околу 50 километри јужно од Сан Франциско, јавува Би-Би-Си. Според локалните медиуми, станува збор за два земјоделски имоти. Напаѓачот е идентификуван како Жао Чунли, локален жител со азиско потекло.
Новиот напад се случи два дена по убиството на 11 лица во сала за танцување во паркот Монтереј, каде живее мнозинството од азиското малцинство, за време на прославата на Лунарната Нова Година.
Осомничениот за последниот напад е фатен на камера од новинарите како се предава во канцеларијата на шерифот на округот Сан Матео, околу два часа по нападот.
Првите четири жртви биле пронајдени на фарма за печурки околу 14:22 часот по локално време (02:22 часот по средноевропско време), додека другите три биле пронајдени во блиската камионска компанија.
Инспекторите се уште не го објавија мотивот за овој напад.
Шерифот на округот Сан Матео, Кристина Корпус, на прес-конференција рече дека осомничениот бил уапсен откако попладнето сам се возел во локалната полициска станица.
Нему му е пронајден полуавтоматски пиштол што можеби бил користен во нападот и „соработува“ со полицијата, рече таа.
Таа додаде дека осмото лице е префрлено во болница и е во критична состојба.
„Овој тип на вооружен напад е застрашувачки. Тоа е трагедија што се случува премногу често, но денес се случи дома во округот Сан Матео“, рече таа.
Таа потврди дека меѓу очевидците имало и деца кои штотуку се вратиле од училиште и кои живееле на тој селски имот.
„Не можете да кажете со зборови колку е страшно што децата го гледаа ова“, рече таа.
Жртвите се кинески земјоделски работници.
Гувернерот на Калифорнија, Гевин Њусом, напиша на Твитер дека бил во болница за да разговара со жртвите од нападот во салата за танцување кога тие му се јавиле да го известат за новиот вооружен напад, пренесува Франс прес.
„Овој пат во заливот Half Moon. Трагедија врз трагедија“, напиша тој на Твитер.
Информиран е и американскиот претседател Џозеф Бајден, рече неговата портпаролка, додавајќи дека побарал од федералните безбедносни сили да им ја пружат сета можна помош на локалните власти.