Во Македонија со вакцината од АстраЗенека нема да се вакцинираат лица под 60-годишна возраст


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Следејќи ги препораките и примерите на Канада и на Германија, и Македонија нема да вакцинира лица помлади од 60 години со вакцината на „Астра Зенека“.

Ова го кажа министерот за здравство, Венко Филипче, синоќа во гостување на ТВ21.

„Вечерва по двата извештаи на Канада и на Германија донесовме одлука дека ќе ги следиме нивните препораки и нема да вакцинираме со ‘Астра Зенека’ лица кои се помлади од 60 години. Ние, секако, утре почнуваме со вакцинација на повозрасни граѓани, на возраст над 77 години“, рече Филипче.

Тој додаде дека дополнително ќе се обратат и до Европската медицинска агенција (ЕМА) за став во врска со вакцината на „Астра Зенека“ по одлуките на Канада и на Германија.

„Буквално секоја вакцина која влегува во земјава е сигурна и безбедна. Националната стратегија е правена за да се категоризираат ризичните групи. Ќе ги следиме сите насоки кои произлегуваат од меѓународните регулатори“, додаде Филипче.

Денеска Германија одлучи да ја запре вакцинацијата на лица помлади од 60 години со вакцината на „Астра Зенека“, а Канада пак одлучи да не ја дава на лица помлади од 55 години.