Во Македонија прогласена тридневна жалост заради трагедијата во Тетово


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Владата на денешната итна и вонредна седница прогласи тридневна жалост за несреќата во ковид-центарот во Тетово, а ја прифати и понудата од сојузничките земји во истрагата за пожарот да се вклучат странски експерти за истраги при експлозии и пожари, соопштија од владината прес-служба.

Денови на жалост ќе траат од денеска до задутре (четврток, петок и сабота), што значи дека онаму каде што е истакнато државното знаме, тоа ќе биде на половина копје.

„Владата апелира до сите општествени чинители да ги одложат сите јавни и приватни прослави, забави, културно-уметнички и спортски настани, партиски и друг тип промоции предвидени за овие три дена“, велат од Владата.

Кога станува збор за истрагата, странските експерти што ќе бидат вклучени се од дел од сојузничките земји во НАТО. Станува збор за стручни лица со највисок степен на експертиза во истраги за пожари со цел да се помогне во утврдување на причините за пожарот.

Тимови од МВР и од Министерството за здравство, пак, ќе се стават на максимално располагање на обвинителството во истрагата, а Владата ги задолжила сите надлежни институции да утврдат каков тип дополнителна помош и поддршка е потреба за семејствата на загинатите и повредените.