Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Додека кај нас веројатно ни на крај памет ни би им паднало на лекарите и здравствените работници на ваков начин да се обидат да влијаат врз системот за подобрување на здравствените услуги, тоа во Канада очигледно е нешто најнормално. Не е за тоа кој колку пари зема, туку за свеста за подобро на сите.
Над 500 доктори-специјалисти од канадската провинција Квебек, како и над 150 студенти по медицина, бараат властите да го повлечат најавеното зголемување на нивните плати и парите да ги потрошат на подобрување на условите за пациентите и ресурси за медицинскиот персонал.
„Единствената работа која е имуна на намалувања се нашите плати“, се наведува во отвореното писмо на организацијата на медицински работници од Квебек, поставено на нивниот блог.
Д-р Изабел Лебланк, која е претседателка на организацијата изјавила за ЦБС Монтреал дека информациите за покачување на платите на докторите доаѓаат во исто време кога медицинските сестри се мобилизираат да протестираат за нивните работни услови, а на овој начин тие сакаат да се солидаризираат со нивните заложби.
„Доколку нашите колеги се посреќни, доколку нашите пациенти добиваат подобра грижа, сите ќе бидеме победници, а тоа нема да се случи преку покачување на платите“, вели Лебланк.
Како дел од договорот постигнат минатиот месец, 10.000 специјалисти по медицина во провинцијата требаат да добијат покачување на платите од досегашните 4,7 на 5,4 милијарди долари до 2023 година, или покачување од 1,4 проценти секоја година.
Според податоците на Канадскиот институт за здравствени информации, специјалистите во Квебек заработуваат околу 403,5 илјади долари годишно.
Министерот за здравство на Квебек, Гаетан Барет одговорил дека доколку докторите се откажат од нивното покачување, тоа можат да го сторат без проблем.
„Доколку сметаат дека се преплатени, можат да ги остават парите. Ви гарантирам дека ќе ги искористам на добар начин“, рекол Барет.