Во извештајот на Стејт департмент за Македонија нотирани политички мешања во правосудниот систем


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Во годишниот извештај за состојбата на човековите права во светот, посебен дел од извештајот на Стејт департментот за Македонија е посветен на работата на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) во кој се нотира дека од самото негово формирање, владејачката партија заедно со провладините медиуми водат координирана кампања за да го намалат кредибилитетот и професионалноста на обвинителството.

„Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, постојано ја попречува работата на обвинителството и јавно го критикува специјалниот обвинител Катица Јанева, тврдејќи дека е некомпетентна и политичка алатка на опозицијата. Помилувањата на претседателот Ѓорге Иванов во април минатата година за два месеца ги замрзна повеќето од случаите на Специјалното обвинителство. Судскиот систем исто така одигра своја улога во попречувањето на ефективноста на канцеларијата на Специјалниот јавнен обвинител“, се наведува во извештајот на дипломатијата на САД.

Се нотира и дека снимените разговори кои излегоа во јавноста во 2015 година откриле случаи во кои владини официјални лица наредуваат одмазда кон бизнисмени за кои се верува дека ги поддржуваат опозициските партии, вклучувајќи притоа и странски инвеститори.

„Некои бизнисмени се жалеа дека во нивните канцеларии многу често доаѓале инспектори со веќе подготвена казна. Други кредибилни докази индицираат на тоа дека од некои бизниси било барано да платат спонзорство за различни организации кои се контролирани од владата. Од некои, пак, било барано да платат регуларни ‘спонзорства’ со цел да избегнат вознемирување од страна на Владата“ пишува во извештајот.

Според Стејт департментот, во судскиот систем било забележано силно политичко влијание, неефикасност, наклонетост кон функционери како и селективна правда.

Во извештајот се забележани и бројни напади на новинари, а посочени се и конкретни примери за физички напади и малтретирање на медиумски работници. Забелешки има и за почитувањето на другите човекови права вклучувајќи малтретирање на затвореници и лоши услови во затворите. Во извештајот исто така пишува и дека Владата презела ограничени чекори во истражување, процесирање и казнување на официјалните претставници кои направиле прекршоци, вклучително и полициските службеници виновни за прекумерна употреба на сила.