Во Италија и Германија уапсени 150 припадници на мафијашката група „Ндрангета“


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Полициските сили на Италија и Германија денеска уапсија околу 150 лица во жесток удар на италијанската криминална група „Ндрангета“, соопштија германските јавни обвинители и полицијата на двете земји.

Како што јави Ројтерс, осомничените се товарат за перење пари, кривични дела даночно затајување, измама и шверц на дрога, мафијашко злосторничко здружување и поседување и трговија со оружје. Апсењата се дел од координирана истрага на Германија, Белгија, Франција, Италија, Португалија и Шпанија, соопштија германските власти.

Француската агенција АФП јави дека апсења имало и во Словенија и Романија. Ндрангета, која има свои корени од јужниот италијански регион Калабрија, ја надмина Коза Ностра како најмоќна мафијашка група во земјата и една од најголемите криминални мрежи во светот.

Италијанските карабинери извршија 108 апсења низ целата земја во истрага базирана во центарот на регионот Калабрија, се вели во соопштението. Дополнителни 15 лица се приведени по наредба на полицијата во северозападното пристаниште Џенова.

Германската полиција уапси и десетици осомничени во рации во раните утрински часови. Во Белгија, полицијата изврши рација на повеќе од 20 адреси, соопштија обвинителите, додавајќи дека ќе дадат повеќе детали на прес-конференција подоцна во текот на денот.

Полицијата во германската покраина Баварија објави дека апсењата се резултат на повеќе од тригодишна истрага наречена „Операција Еурека“. Италијанските и белгиските истражители веруваат дека од октомври 2019 до јануари 2022 година, италијанската криминална група шверцувала близу 25 тони кокаин и префрлила повеќе од 22 милиони евра од Калабрија во Белгија, Холандија и Јужна Америка.

Четири лица се уапсени во Баварија, 15 во Северна Рајна Вестфалија и 10 во југозападната покраина Рајнланд-Пфалц, соопшти германската полиција. Полицијата заплени потенцијални докази на десетици локации, вклучително и домови и канцеларии.

Двајца осомничени кои беа под истрага во западната германска покраина Сар се уапсени во Италија. Еден маж е уапсен во рамките на координирана истрага во јужниот шпански град Малага, соопшти шпанската полиција, без да даде дополнителни детали. Германските обвинители и италијанските карабинери најавија на одделни прес-конференции во текот на денот.