Во Ерменија се случува „Кадифена револуција“


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Како знак на револт против изборот на бившиот претседател Серж Саргсјан за премиер, од 12 април на сите страни низ Ерменија на улица излегоа илјадници демонстранти и оттогаш протестите станаа секојдневие.

Саргсјан беше претседател во два мандата, а неговата -владејачка Републиканска партија и покрај тоа одлучи да го предложи за премиер. Опозицијата се противеше на неговиот избор со обвинување дека за време на неговото претседателствување земјата била неефикасно управувана и се влошила економската ситуација. На 17 април опозицијата објави „кадифена револуција“, откако и покрај нејзиното противење Парламентот го избра Саргсјан за премиер, што беше повод за уште помасовни протести, кои доведоа да негова оставка само по неколку дена од неговиот избор.

Инаку се почна уште на 31 март кога лидерот на опозицијата, Никол Пашинјан, тргна на поход од внатрешноста на Ерменија кон главниот град Ереван. Некои овој потег го споредуваа со потезите на Махатма Ганди. Пашинјан сметаше дека Саргсјан не може да биде премиер, туку дека треба да биде предложен друг кандидат. Кога се случи изборот на Саргсјан, Пашинјан повика на помасовни протести ширум земјата и бараше за премиер да биде предложен „кандидат од народот“. А за таков се сметаше самиот себе си. Но како да биде избран, кога неговата партија има само 7 до 8 проценти од пратеничките места во парламентот. Владејачката партија има мнозинство во него. Дури и целата опозиција да се обедини Пашинјан не може да помине. Тоа се виде кога на 1 мај при изборот на новиот премиер, а единствен кандидат беше Никол Пашинјан, тој не беше избран. Се спротивставија пратениците од владејачката партија. Тогаш Пашинјан се закани со тотална блокада на земјата. Па Републиканците се изјаснија дека на нови избори за премиер ќе поддржат било кој кандидат кој би бил предложен од една третина на пратениците. Сега изборот треба да се одржи на 8 мај. Доколку не се избере нов премиер, тогаш се распушта парламентот и се распишуваат нови парламентарни озбори.

Ваквиот развој на настаните не можеше да го предвиди никој во март. Да дојде до политичка криза за еден месец тоа навистина тешко може да се замисли. Згора на тоа владејачкото мнозинство да не се обиде да примени мерки со цел да ги спречи протестите, како што беше во 2008 година, кога имаше и загинати, а истиот Пашинјан заврши во затвор. А сега да му даде шанса на самопрогласениот кандидат од опозицијата да стане премиер! Но се случи.

Некои коментатори во регионот сакаа да направат споредба со Украина, па велеа дека еве сега ќе има и ерменски „Мајдан“. Но самиот Пашанијан тврдеше дека нема ништо од некакво украинско сценарио. Такви погледи доаѓаа и од Москва. Портпаролот на руското министерство за надворешни работи Марија Захарова дури му честиташе на ерменскиот народ за неговата сплотеност по оставката на Саргсјан! Речиси сите надвор од Ерменија повикуваа на единство и на мирна разврска на политичката криза. И од Запад и од Русија и од ЕУ. Зашто на Ерменија во моментов не и е потребна внатрешен конфликт и раскол во општеството. Тоа може само да поттикне сили да отворат фронт во Нагорно Карабах. На пример Азербејџан, кој би посакал да си ја поврати изгубената територија, населена претежно со Ерменци, во воените дејства од деведесеттите години на минатиот век. Дури и претседателот на Ерменија, Армен Саркисјан, ја поздрави „одговорната позиција на народното движење на Пашинјан, на Републиканската партија и помалите парламентарни групи“. „Нашиот народ уште еднаш покажа дека во судбоносен момент е способен да с сплоти и да донесе решенија на благо на нацијата… убеден сум и гледам дека ние веќе почнавме да ја градиме нова Ерменија“, изјави претседателот Саркисјан.

Оптимизмот на претседателот во дадениот момент е добродојден, но што ако се изјалови договорот за 8 мај. Ако Пашинјан не биде избран за премиер. Може ли да се случи Ерменија да зоврие од протести, но и да влезе во внатрешен конфликт кој веќе рековме не и е потребен. Може ли владејачката елита да го погази дадениот збор. Во таков случај најмалку што може да се случи е атака врз Републиканската партија, која демонстрантите ја доживуваат како нешто што треба да се отстрани, па дури и во демонстрациите имаше повици и за нејзино ликвидирање. Таа им е виновна за сите проблеми во општеството. Неа ја сметаат за симбол на злото. Оттука потегот за поддршка на Пашинјан е тактички добар за републиканците. Тие и натаму ќе имаат мнозинство во Парламентот, а со тоа и можност да го контролираат новиот премиер, кој со неодамнешните уставни промени има поголеми овластувања одземени од претседателот на државата. Пашинјан, пак, од своја страна, доколку биде избран ветува предвремени парламентарни избори. Тие би можеле да доведат до нов распоред на силите во државата. И што побрзо бидат распишани дотолку подобро за сегашните опозиционери. Да ја искористат актуелната состојба во своја полза.

Ерменската „кадифена револуција“ ги даде своите први плодови. Може да се очекува Ерменците да бидат попаметни од некои други држави на постсоветското пространство и да не си дозволат луксуз она што го добија сега да го растурат со некои потези кои би ги урнале сите надежи на демонстрантите. Пред се на младите кои беа и се движечка сила на протестите. Овде станува збор за реформа во општеството која на младите ќе им овозможи да останат во државата, да работат и да ја градат својата иднина и иднината на земјата. Многу битен е и односот кон Русија. Пашинјан изјавува дека Русија е стратешки партнер на Ерменија, но не се знае како тој ќе се однесува кон него по седнувањето на премиерското столче, бидејќи досегашната власт во Ерменија ја поистоветуваа со Москва.

Ерменија е многу зависна од Русија. Оваа има воена база на територијата на Ерменија. Некои руски компании се главни акционери во големите енергетски претпријатија во земјата. И не само енергетски. Русија е и гарант на договорот меѓу Азербејџан и Ерменија за Нагорно Карабах.

Засега нема најави дека ќе има вртење на политичкиот вектор на Ерменија кон Западот, но ништо не се знае. Освен едно, дека Ерменија ќе биде под будно око на Москва. За секој случај да не се скршне од досега трасираниот пат. А доколку се случи тоа вина ќе има токму Русија. Зашто смета дека Кавказот и е даден од Бога и не треба многу да се труди за да го задржи своето влијание таму. И токму затоа некои кавкаски држави политички и воено бегаат подалеку од Русија, како што е Грузија на пример.

Извор: Фактор