Во декември прва тура исплата на парите од проектот „Мој ДДВ“


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Според информациите кои ги пренесува Управата за јавни приходи, откако вчера заврши првото тримесечје од реализацијата на мерката поврат на 15% од пресметаниот ДДВ, граѓаните преку апликацијата „Мој ДДВ“ и преку посебните киосци скенирале 22,67 милиони фискални сметки и треба да им се исплатат вкупно три милиони и 28.000 евра.

Во периодот од 1 јули до вчера регистрирани се 170.378 корисници на апликацијата МојДДВ, кои може да очекуваат парите да им бидат исплатени на трансакциските сметки до крајот на декември годинава, пренесува Мета.

Потоа во текот на февруари 2020 година ќе се исплаќаат собраните суми од ДДВ во периодот од денеска до крајот на годината, а во април следната година ќе се исплаќаат сумите за првите три месеци од 2020 година.

Покрај апликацијата МојДДВ којашто е достапна за преземање на паметните телефони преку Google play store и Apple store, има и киоск апарати во секоја Организациона единица на УЈП, како и бар код читачи преку кои граѓаните кои не се во можност да ја користат апликацијата МојДДВ, може да ги скенираат своите фискални сметки.

На корисниците на МојДДВ сега им е достапна и веб апликацијата МојДДВ https://mojddv.ujp.gov.mk/ преку којашто граѓаните може да го проверат износот на повратот којшто ќе им биде исплатен на нивната трансакциска сметка, а имаат и можност за повлекување на фискални сметки коишто се скенирани погрешно.