Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Денеска, по повод 7-годишнината од вооружената престрелка во кумановско „Диво Насеље”, во Брвеница беше откриена спомен биста на Жарко Кузмановски, загинатиот припадник на САЕ „Тигар“.
Во дворот на црквата „Св. Атанасиј“ во неговото родното место, се одржа комеморативен собир, на кој освен членови на неговото семејство, колеги од САЕ „Тигар“, почит му оддадоа министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, директорот на БЈБ Сашо Тасевски и државнaта секретарка, Магдалена Несторовска, пренесува Нова ТВ.
Министерот Спасовски во своето обраќање истакна дека Жарко Кузмановски со неговата трагична смрт како наш бранител, припадник на македонската полиција, го заслужи своето место меѓу бесмртните, меѓу сите наши херои кои оставија вечна трага во историјата на нашава татковина, но и аманет за иднината на генерациите што доаѓаат, бидејќи не постои држава во чии темели не се вградени животите на нејзините најхрабри синови.
„Ова спомен обележје во чест и вечен спомен на незаборавот кон Жарко, не е никаква отплата на долгот кон него, оти она со што тој, како и другите неговите колеги и соборци нѐ задолжиле, се враќа само со хумани, професионални, благородни дела, со сѐ она добро, чисто и честито. А загубата е ненадоместлива и речиси е невозможно да се исполни празнината што како колеги, пријатели, блиски ја споделуваме во изминативе седум години од неговото трагично загинување”, рече Спасовски во обраќањето пред присутните.
Во „Диво насеље“ на 9 и 10 мај 2015 животот го загубија осум припадници на МВР: Љубиша Аранѓеловиќ, Бобан Ивановиќ, Горан Илијевски, Жарко Кузмановски, Исамедин Османи, Сашо Самојловски, Ненад Серафимовски и Горан Стојменовиќ, кои посмртно се одликувани со медали за храброст.