Во Авганистан е хаос со авионскиот превоз – половина од Македонците кои беа таму успеаја да си заминат, половина се на безбедно


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Од вкупно 100 наши граѓани кои во периодов се наоѓале во Авганистан, 25 успеале да си заминат уште додека сообраќаа комерцијалните летови. Уште толку денеска успеале да обезбедат лет за Доха, Катар. На тој начин остануваат уште 50 други лица.

„…Други 25 го чекаат следниот лет. Во моментов се на безбедно место. Се регистрираат и чекаат трансфер до авионот. Имаме информации и дека 25 граѓани кои се стационирани во американската база во Кабул, во близина на аеродромот во Кабул, се безбедни и чекаат на трансфер листата до аеродромот.“

Обединетите Нации побараа од С. Македонија да прифати шест авганистански државјани. Засега не е познато дали тоа ќе биде конечниот број на Авганистанци кои ќе се засолнат кај нас. Министерот Османи рече дека доколку меѓународните организации побараат такво нешто, нашата земја ќе одлучува според проценките.

„Се подготвуваат такви планови, не можам да шпекулирам со броеви, но можам да кажам дека Обединетите нации побараа од нас да засолниме шест лица, главно жени и деца на вработени во Обединетите Нации, да ги прифатиме во Република Македонија. Откако ќе пристигнат, нивниот статус ќе биде регулиран според нашите законски одредби.“

Во врска со финансиските импликации кои би произлегле од сместувањето на вакви лица, Османи рече дека Скопје е во координација со САД и другите сојузници во НАТО за основање на финансиска рамка. Македонија од јули ги повлече сите свои воени и дипломатски претставници од Авганистан. Истото пред неколку недели го сторија и неколку други земји.