Во аптеките низ Европа малите залихи од јод се при крај – исто е и во Македонија


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Стравувањето од евентуална нуклеарна хаварија поради војната во Украина и прочитаното на интернет оти јодот помага кога луѓето се изложени на радијација ги троши и последните пакувања од малите залихи на вакви таблетки низ македонските аптеки.

Во дел од аптеките во внатрешноста се потрошиле уште минатата недела, а низ скопските има останато по некое пакување од по околу 200 апчиња кои во својот состав имаат калиум јодид по цена од 1100 денари. Надлежните институции немаат увид во потрошувачката бидејќи ова не се лекови туку се водат како витамини, односно додатоци во исхраната како што се миксот на суплементи за ковид.

Простор за загриженост во однос на нивото на радијација во земјава и во Европа засега нема, уверуваат од одделението за радијациона заштита при Институтот за јавно здравје. Оттаму потенцираат дека јод не се зема превентивно, а се препорачува само во случај доколку се најдете во радиус од 30 километри од местото на евентуален нуклеарен инцидент.

Од Министерството за здравство апелираат лекови или витамини (во случајов јод) да не се земаат самоиницијативно и на своја рака, а од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека чист јод во земјава последните три месеца земјава нема увезоно. Оттаму потенцираат дека во аптека се продаваат производи кои во својот состав помеѓу другите состојки имаат и калиум јодит.

Инаку, навала по аптеките за таблетка јод повеќе низ Европа започна пред околу 20 дена, а дел од државите како што е Белгија набавија и поголеми залихи, а почнаа да ги делат и бесплатно. Сепак, во официјалниот допис од европската асоцијација за нуклеарна медицина стои дека употребата на јод повеќе може да и наштети на тироидната жлезда и на здравјето генерално, отколку што теоретски би била корисна во случај на нуклеарен инцидент.