Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Денес, потешко од било кога, е заштитувањето на приватноста, за што најмногу можете да им „благодарите“ на социјалните мрежи.
А ако мислите дека е доволно во поставките да ги заклучите сите ваши податоци на онлајн профилот, се лажете. И она што го објавувате на големо може да ја загрози вашата приватност, а за тоа да не сте ни свесни. Поради тоа, пред да кликнете „сподели“ (share), подолу прочитајте кои информации не би требало да ги споделувате и откривате на Фејсбук, но и на другите социјални мрежи, и со тоа да ја избегнете опасноста од загрозување на приватноста.
1. Вашата домашна и работна адреса
Звучи премногу очигледно, нели? Но, овде не станува збор само за наведување на својата точна адреса на Фејсбук профилот. Пријавувањето на локациите како и геотаговите на фотографиите на Инстаграм, исто така, на сите им ги откриват податоците каде моментално се наоѓате и ризикувате некој да почне да ве следи во реалниот живот. Особено ако некои означувања често се повторуваат, тогаш на сите им ги сервирате вашите омилени локации и им ја олеснувате „потрагата“. Да не правиме муабет за тоа дека ако сте семејно означени некаде, тоа го зголемува ризикот од грабеж во домот, бидејќи им сервирате информација „на тацна“ дека дома нема никој.
2. Фотографии од децата
Кога станува збор за децата и социјалните мрежи, вниманието не е никогаш доволно големо. Најдобро би било целосно да го избегнувате објавувањето фотографии од децата на интернет, бидејќи никогаш не знаете до какви чудаци и табиети можат да стигнат тие. А, ако веќе сте одлучиле да објавувате слики од вашите деца на Фејсбук, немојте никогаш да откривате каде одат во школо, како ни локациите на кои секојдневно одат, надвор од школските активности
3. Детали од одморот
Секој кој се фали со фотографии од патувањата и далечните локации, истовремено дава до знаење дека е отсутен од дома, со што се зголемува опасноста од провали и кражби. Но, тоа не значи дека не треба да објавите ниту една фотка од вашите патувања и летни или зимски одмори, туку дека треба да бидете внимателни кој ќе може да ја види истата. И никогаш, ама баш никогаш, не објавувајте го точниот датум на вашето заминување и враќање, туку во приватна порака известете ги само оние кои треба да го знаат тоа. Ако можете да издржите, авантурите и убавините од вашите одмори и патувања, најдобро е да ги споделувате откако ќе се вратите.
4. Потенцијални насоки за вашите лозинки
Безбедносните прашања за враќање на лозинката често не се баш некои нерешливи прашања, особено ако се бара информација која е понудена на социјалната мрежа. Гратчето во кое сте пораснале, името на вашиот прв миленик, мајчиното моминско презиме и слично, се специфични детали, кои ионака не ги интересираат повеќето од вашите Фејсбук пријатели, а можат да ја нарушат вашата приватност.
5. Скокотливи фотографии
Ќе претпоставиме дека не сте една од оние личности кои без проблем на Фејсбук или Инстаграм објавуваат свои разголени фотографии. Но, дека ни испраќањето такви фотки преку Месинџер или Снепчет никако не е добра идеја. Учете од примерите од другите, па пред некому да му пратите скокотлива фотографија, сетете се само колку пати нечии голи фотографии завршиле на интернет без нивна дозвола.
6. Финансиски податоци
Иако звучи лудо, постојат луѓе кои објавуваат фотографии од своите банкарски картички на социјалните мрежи. Но, иако сигурно не сте едни од нив, лесно е некогаш, несвесно, да откриете дел од вашите финансиски детали на кои дефинитивно не им е место на Фејсбук, како името на вашата банка или месечните приходи. Дури и вашиот датум и место на раѓање можат да им го олеснат на хакерите пристапот до вашите финансиски податоци.