Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓
Македонија денес целосно ги отвора сите гранични премини со што македонските државјани и странците ќе можат непречено да се движат без обврска за ПЦР-тест и државен карантин. Со одлука на Владата угостителските објекти од денеска можат да работат и во внатрешноста на објектите преку соодветен протокол за работа, а се дозволува и работа на теретаните и вежбалните, додека моловите ќе можат да работат и во неделите.
Од 1 јули отворени за сообраќај ќе бидат и Меѓународниот аеродром Скопје и Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид.
Останува обврската за почитување на препораките за носење лична заштитна опрема, држење дистанца и честа дезинфекција.
Според здравствените власти, отворањето на границите не претставува значаен ризик за зголемување на бројот на новодијагностицирани случаи затоа што локалната трансмисија е најголемиот ризик. Оценката е дека отворањето на границите со почитување на превентивните мерки (воспоставената контрола на аеродромите и начинот на анкетирање на патници на влез во државата) го сведува на минимум ризикот за зголемување на бројот на дијагностицирани пациенти.
Со одлуката за целосно отворање на границите на земјава македонските државјани ќе можат слободно да патуваат вон границите без обврска за негативен ПЦР-тест за коронавирус и задолжителен 14-дневен карантин при враќање во земјава. Сепак, со исклучок на Србија, Албанија, Косово и Турција, оваа обврска останува за влез во некои земји во регионот и во ЕУ-членките. За патување во земјите членки на ЕУ важат насоките дадени од ЕК за отворање на границите од 1 јули, годинава. Оваа одлука членките на Унијата деновиве треба повторно да ја разгледаат поради растот на бројот на заболени од коронавирусот во земјите во регионов.
Грција, според најавите на властите во Атина, засега останува на основниот план за отворање на границите на 1 јули, но и со укажување дека тоа е „план што континуирано се ажурира и во соработка со европските власти“.
Словенија и Хрватска, пак, најавија можност за заострување на граничниот режим и повторно враќање на обврската за двонеделен карантин за лицата кои доаѓаат од Србија, БиХ, Црна Гора, Албанија, Северна Македонија и од Косово, имајќи ја предвид епидемиолошката слика во овие земји. Бугарија, пак, ја продолжи вонредната состојба во земјата до 15 јули поради новиот бран заразени со коронавирусот.
Согласно протоколите за работа, вработените во угостителските објекти кои послужуваат задолжително треба да носат заштитни маски и зачестено да одржуваат хигиена на раце. Во просторот за послужување на гости, каде има поставено маси, треба да се обезбеди растојание од столче до столче од 1,5 до два метра со соседните маси во сите правци. На една маса со четири столици може да седат и да се послужуваат максимум две лица или четири лица доколку се од исто семејство. Дозволен е максимален број на 12 лица на споени маси заедно со задолжително растојание помеѓу секој гостин од 1,5 метри. Задолжително треба да биде поставено дезинфекциско средство за раце на секоја маса. Забрането е организирање на прослави (свадби, родендени, крштевки и сл.).
При организирањето на игри на среќа во автомат клубовите бројот на лица е ограничен, односно најмногу едно лице може да биде присутно на пет квардратни метри, а на влез задолжително треба да има редарска служба која ќе врши дезинфекција на раце на сите лица кои влегуваат во објектот, контрола на заштитна опрема (заштитни маски). Заштитната опрема е задолжителна при влегување и движење низ објектот. Во објектот е задолжително одржување дистанца од најмалку 1,5 метар, а во случај на помало растојание задолжително треба да се користат пластични, стаклени или слични прегради, паравани и слично.
Слични услови има и за организирање на игри на среќа во казина, со тоа што редарската служба ќе врши контролирано пропуштање на лица во објектот со запазување дистанца од најмалку два метра до казино рецепцијата. Воедно позициите за регистрација на посетители мора да бидат одвоени најмалку два метра една помеѓу друга. Присуството на лица на касите низ објектот е со одржување дистанца од два метра растојание.
За играње на апарати на среќа (АИС) доколку гостите седат на играчкото место на АИС и притоа е запазено минималното растојание или играчкото место е обезбедено со пластични, стаклени или слични прегради тогаш носењето заштитна опрема е задолжително за време на играта. Доколку гостите седат на играчкото место на АИС со повеќе играчки места (електронски рулет) и притоа е запазено минималното растојание или играчкото место е обезбедено со пластични, стаклени или слични прегради тогаш носењето на заштитна опрема е задолжително за време на играта.
За играње на масите за жива игра предвидено е играта Американски рулет да се одвива со најмногу три играчи при што носењето заштитна опрема е задолжително. Играта на маса за жива игра Блек Џек, Карабиан Покер, Ултимејт Тексас Покер и други казино игри кои се играат на маси со седум играчки места, се одвива со најмногу три играчи при што носењето на заштитна опрема е задолжително.
Игра на маса за жива игра Тексас Холдем Покер се одвива преку едно играчко место со најмногу пет играчи при што носењето на заштитна опрема е задолжително.