ВМРО-ДПМНЕ: Владата платила 6,5 милиони евра казна за неискористен кредит, тоа покажува колку се некадарни


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Ковачевски пред неколку недели говореше за изградба на пругата кон Бугарија, а пропуштил да каже дека поради неспособноста на неговата влада, Македонија ќе плати 6,5 милиони евра казна за нереализирани средства поради неискористување на заем за изградба на пругата Бељаковци – Крива Паланка, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

„Или не му кажале на Ковачевски каква штета е направена или тој не разбрал. Имале одобрени средства на располагање, а не ги искористиле нешто да направат за својот народ и својата држава и тоа доволно говори за отсуството на капацитет, кадарност и одговорност на оваа власт. Веројатно владата на Ковачевски може да конкурира за најштетна влада во светот, да позајмиш пари, да не изградиш ништо и згора на се да платиш камати и казни во износ од 6,5 милиони евра! А со тие пари можеше да се изгради училиште, детски градинки, патишта, канализации и други проекти“, се посочува во нивната реакција.

За ваквата штета по буџетот, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ, треба да понесе одговорност или Ковачевски, или Бочварски како ресорен министер или друг надлежен за реализацијата на овој проекти и овој кредит.

„За жал, на владата на Ковачевски и СДСМ три нацртани овци да им дадеш да ти чуваат, една ќе изгубат, една ќе украдат, а третата ако имаш среќа ќе си ја вратиш“, се додава во дописот од оваа партија.

Потсетуваат, како што велат, дека владата на СДСМ изгуби 14 милиони евра од Европската банка за изградба на штипската болница, кои беа стопирани како казна за тоа што ништо не се градело цели 4 години.

„И сега поради СДСМ нема нова штипска болница, која требаше да биде капитален објект во здравството. Оваа штетност и криминогеност на власта на СДСМ е епска. Што поскоро падне оваа власт толку подобро за Македонија. Затоа е потребно соочување со народот, за да се соочат со казната за сите штетни и неодговорни политики“, се дополнува во писмената реакција од партијата на Мицкоски.