ВМРО-ДПМНЕ се оградува од ставот на Владо Поповски за договорот со Грција


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Во медиумската и пошироката јавност завчера силно одекна ставот на професорот Владо Поповски, инаку во моментов советник на ВМРО-ДПМНЕ во Град Скопје, кој рече дека договорот со Грција е добар, односно дека илузија е оти некој друг би можел да издејствува подобра спогодба за Македонија. Тој потврди дека ќе гласа на референдумот на 30 септември, иако смета дека може да се дискутира за некои прашања од договорот, пренесува Независен.

За волја на вистината, ова не е првпат да има различно мислење од она што преовладува во белиот дворец. Се памети неговиот настап во 2014 година кога во екот на расправата за поставувањето споменик на контроверзниот Андов Јанев-Ќосето рече дека станува збор за сериски убиец и не му беше јасно зошто некој би сакал да го слави.

Во ВМРО-ДПМНЕ велат дека не се изненадени од реториката на Поповски, за кого велат дека е исклучително интелигентна личност, но оти неговите истапи во јавноста се само негов личен став.

„Мораме да кажеме дека е апсолутно активен во работата на Советот на Град Скопје, но во партијата ситуацијата е поинаква, тој никогаш не продискутирал за договорот за името, со него не биле разменувани мислења, така што сè што кажува си е негова лична работа и нема врска со ставот на партијата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.