Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Опозициската ВМРО-ДПМНЕ денеска ја поднесе интерпелацијата за вицепремиерот за европски прашања, Никола Димитров, пренесува 360 Степени.
Како прва причина, пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, го наведуваат односот на Димитров кон Собранието односно дека и покрај уставната обврска дека член на Владата за својата работа одговара пред Собранието, вицепремиерот два пати ги одбил поканите да присуствува на седница на Комисијата за надворешна политика во врска со македонско-бугарските односи.
„Неговото образложение дека не дошол на седниците на Комисијата од страв да не го загрози неговото здравје беа само дополнителна девалвација на пратениците како избраници на народот, а исто така и потценување на работата на сите пратеници и министри кои секојдневно учествуваат во работата на Собранието“, наведуваат опозициските пратеници.
Понатаму, ВМРО-ДПМНЕ, обвинува дека Димитров ја манипулирал јавноста дека се решени споровите со сите соседи и дека во текот на 2020 година ќе се одржи првата меѓувладина конференција со ЕУ.
„Дополнително, Секретаријатот за европски прашања (СЕП) со кој раководи членот на владата, Никола Димитров, е институција која во изминатиов период требаше да биде најактивна, институција чии резултати требаше да бидат највидливи за граѓаните. Но, наместо тоа СЕП е претворена во прилично пасивна институција, без потребната транспарентност во својата работа. Секретаријатот во изминатите 100 дена од својата работа нема реализирани ниту еден видлив проект од кој македонските граѓани би имале корист“, смета ВМРО-ДПМНЕ обвинувајќи го вицепремиерот дека е однесува незаинтересирано за работата и функционалноста на СЕП.
Од опозицијата велат дека со интерпелацијата ги користат демократските механизми за професионална и политичка одговорност на Димитров и на овој начин, сметаат, дека ќе спречат понатамошни штетни одлуки.
Од владејачкиот СДСМ, пак, возвратија дека интерпелацијата ќе биде нов пораз за ВМРО-ДПМНЕ и Христијан Мицкоски. Социјалдемократите оценуваат дека ова е само продолжение на деструктивноста и очајот на опозициската партија.
„Во клучни моменти за стратешките интереси, дали станува збор за членството во НАТО, дали за членството во ЕУ, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски се посветени само на ширење лажни вести, хистерија и поткопување на државните интереси. За потсетување, интерпелација за Димитров имаше и минатата година. Тогаш, одвај 20 пратеници на ВМРО-ДПМНЕ гласаа за неа. Исто ќе биде и оваа година. Оваа интерпелација ќе биде уште еден пораз за ВМРО ДПМНЕ, Димитров ужива целосна доверба од пратениците на мнозинството, затоа што се бори за државните интереси“, велат од СДСМ.