ВМРО-ДПМНЕ најави активна блокада на Собранието после 10 мај


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ синоќа донесе одлука да го прифати предлогот на лидерот на партијата Христијан Мицкоски за активна блокада на Собранието по 10 мај, соопшти потпретседателот на опозицијата, Александар Николоски, во изјава за медиумите.

„Сметаме дека животот во национална катастрофа, за жал, станува секојдневие, ваквата позиција ја донесе токму оваа Влада и тоа ни дава обврска да одговориме на истата. Ваквиот чекор е реакција на акциите на власта. Токму на седницата на Извршниот комитет донесовме заклучок за активна блокада на Собранието, што подразбира блокада на сите штетни закони што доаѓаат од ДУИ и СДСМ. Блокадата ќе стапи на сила на 10 мај, а дотогаш ДУИ И СДСМ да размислат и да се отворат за дијалог и да прифатат лидерска средба. Топката е сега кај СДСМ и ДУИ, да седнеме на лидерска средба и да го дефинираме датумот за лидерска средба“, изјави Николоски.

Тој додаде дека блокадата е само почеток, односно прв во низата чекори кои оваа партија ќе ги преземе доколку власта не прифати лидерска средба на која би се договорил датум за предвремени парламентарни избори.

„Оваа активна блокада ќе трае во континуитет се до договорот за датум за парламентарни избори. Ова се првите чекори, а потоа ќе продолжиме да разговараме за идни чекори, при што сите опции се на располагање. Затоа, СДСМ и ДУИ ги повикувам да го преиспитаат своето однесување, ние ќе одиме по овојпат до крај, се до конечно менување на грдата реалност“, изјави Николовски.

Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ повика на мобилизација и активизам од граѓаните, а соопшти и дека седницата на Извршниот комитет на партијата продолжува и најави дека вечерва ќе бидат донесени и други одлуки.

„Повикувам јавноста да биде трпелива, ова е процес во кој е потребен активизам и политичка размисла и на секој еден поединец. Барам мобилизација и активизам, да не дозволиме да ни ја крадат иднината и на наш грб да се богатат. Заедно ќе се избориме промените да се случат, а ВМРО ДПМНЕ е секогаш со народот“, порача Николоски.