Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Молк во ВМРО ДПМНЕ по најавата на Никола Груевски дека по речиси 15 години планира да се повлече од лидерската позиција во партијата.
Според сознанија на Алсат М, седницата на извршниот комитет, на која ќе се разговара за ова прашање е закажана за в понеделник. Од партијата нема официјална потврда на оваа информација. Јове Кекеновски, кој пред две и пол години беше исклучен од ВМРО ДПМНЕ заради критиките кон политиките на партијата, смета дека Груевски на оваа седница мора да објасни кој ги смислил, нарачал и финансирал случувањата од 27 април.
„Од поодамна се работи за еден лидер на партија кој што е некредибилен. Колкав е неговиот авторитет кај членството се виде токму по овие протести кога од многуилјадното членство во Македонија на ВМРО ДПМНЕ, неговиот збор не го послушаа ни 200 луѓе што е уште еден доказ дека народот се освести во однос на неговите манипулации и лаги коишто досега ги пласираше, за жал успешно“, рече Кекеновски.
Во Статутот на ВМРО ДПМНЕ не е предвидено како се постапува доколку претседателот на партијата поднесе оставка. Централниот комитет, кој е највисок орган меѓу два конгреса, има право да ги разреши потпретседателите, генералниот секретар или членовите на извршниот комитет, но не и првиот човек на партијата. Ова ја остава отворена можноста оставката на Груевски да биде одбиена. Вонреден конгрес, на кој би се бирал наследник на Груевски, треба да побараат половина од членовите на Централниот комитет. Кекеновски не ја исклучува можноста ова да е, како што вели, уште една игра на Груевски за купување време.
„Во една ваква ситуација тој ќе проба на мала врата да протне можеби времено некој човек за лидер на партијата, кој ќе се обиде да го контролира од позадина и на некој начин да ги извршува сите негови одлуки што тој ги замислил меѓутоа јас сум сигурен дека тоа членството нема да го дозволи“, додава Кекеновски.
До крајот на актуелниот мандат на Груевски на челната позиција во ВМРО ДПМНЕ има уште една и пол година. Од 2003 година четири пати беше биран за лидер на партијата. На последниот конгрес, во мај 2015, Груевски беше единствен кандидат за претседател. Од 529 делегати кои гласаа на конгресот, 528 го заокружија неговото име, а едно ливче беше прогласено за неважечко.
Извор: Алсат М