Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
По одржаниот состанок на ЦК, ВМРО-ДПМНЕ, како свој официјален став во однос на претстојниот референдум во врска со договорот со Грција за решавање на спорот за името и влез на државава во НАТО и ЕУ, ги повика граѓаните на референдумот да гласаат по сопствено убедување и да донесе одлука.
Тој рече дека граѓаните знаат за што тој им зборува, знаат што треба да направат, да го следат срцето, и дека на крајната одлука од народот ќе се поклонат.
„Нашата татковина е пред крстопат и ова се историски одлуки. Треба да се каже дека со прифатеното до сега Владата ги сруши сите преговарачки позиции градени до сега“, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на вечерашната прес-конференција од седиштето на партијата. Мицкоски соопшти дека опозициската партија донела одлука секој граѓанин на референдумот да постапи според сопствено убедување.
„ВМРО-ДПМНЕ по консултациите со граѓаните и по одржаните состаноци на Централниот и Извршниот комитет, донесе одлука секој граѓанин да постапи според сопственото убедување. Секоја индивидуа да донесе одлука која смета дека е најдобра за своето семејство и нашата мила Македонија. Македонија не е само на Мицкоски, ниту на Заев, туку на секој слободен граѓанин. Имате се пред вас и знаете што да направите. Само треба да го слушате вашето срце и вашиот разум и на крајот Македонија ќе победи”, рече Мицкоски на прес-конференцијата.
На власта тој и порача да не ја лаже јавноста со слогани „Сега или никогаш” и го повика премиерот Зоран Заев на дебата, на ТВ дуел оти, како што рече Мицкоски, има многу корупција и скандали кои треба да им се разјаснат на граѓани.
„Ќе бидам реален и искрен, Република Македонија е во тешка и деликатна ситуација во која ја доведоа неодговорни политичари. На власт дојде Влада која реално нема никакви резултати. Бадијала сте загрижени мој душегрижници. Нас Македонија ни е во интерес и никој друг. Заев хазардерски ветуваше и ветува работи кои нема намера, ниту моќ да ги исполни. Не го прифаќаме договорот со Грција и остануваме на ставот дека сме против овој договор, оти со него се менува Уставот на Република Македонија, а се менуваат лични документи, патни исправи… Сето ова е спротивно на нашите ставови”, изјави Мицкоски на вечерашната прес-конференција.
Тој дополни дека самото донесување на договорот со Грција се водело низ нетранспарентна процедура.
„ВМРО-ДПМНЕ е за членство во НАТО и ЕУ, тоа се нашите пријатели и партнери. Ние сме силно против договорот, оти не ги одразува интересите на Република Македонија. Владата започна жестока кампања која вреди милиони евра, а во која нема ништо за договорот со името. Си играат со емоциите на луѓето, затоа што во овие година и пол немаат никаков резултат. Заев ќе продолжи да краде и лаже, и не е до договорот, туку до тоа кој ја води државата”, рече лидерот на опозициската партија, Мицкоски.