Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во текот на денот ќе ја поднесат формално интерпелацијата за претседателот на Собранието, Талат Џафери.
Опозициската партија ги повика сите пратеници во Собранието да ја поддржат интерпелацијата.
„Ковачевски треба да излезе од скутот на ДУИ и пратениците на СДСМ да ја поддржат интерпелацијата на Талат Џафери. Автократот Џафери покажа дека не е достоен да биде претседател на Собранието заради неговиот примитивизам, кршење на Деловникот и Уставот и недемократско однесување“, порача ВМРО-ДПМНЕ.
Од најголемата опозициска партија, сепак. не веруваат дека власта ќе гласа за оваа интерпелација, но и во таков случај, велат: „добро е граѓаните да го видат лицето на ДУИ и СДСМ, како сложно го бранат неодбранливото дивеење врз Уставот, Деловникот и законите, од страна на Талат Џафери“, рече вчера Дафина Стојановска од Извршниот комитет на партијата.
Партијата го обвинува Џафери за нестручно и несовесно работење и претседавање со македонското Собрание. Наведуваат дека Џафери во неколку наврати еклатантно ги кршел одредбите од Уставот, Деловникот за работа на Собранието, како и законите со кои е уредена работата на Собранието. ВМРО-ДПМНЕ во таа насока ја издвојува седницата кога пратениците беа заклучени во салата, коментирајќи дека со овој потег Џафери им го ускратил загарантираното право на слобода и движење, додека од друга страна тој тврди дека тоа било според деловникот.
„Дополнително, во изминатиов период, сведоци сме на повеќе прекршувања на Уставот и Деловникот на Собранието на Република Македонија од страна на претседателот и тоа: Неразгледување на интерпелации поднесени за работа на носители на јавни функции, предложени од опозицијата. Интерпелациите само се оставени на дневен ред на одредена седница и никогаш тие точки не се разгледуваат. Интерпелациите за тогашниот вицепремиер Љупчо Николовски и министерот Бојан Маричиќ станаа беспредметни, бидејќи тие сега извршуваат сосема други функции; Неразгледување и непродолжување на пленарни седници, на кои се останати информации предложени од опозициските пратеници; Ненавремено доставување на материјал до пратениците; Спротивно на Деловникот и без образложение, отфрлање на амандмани поднесени од пратеници на опозицијата; Одземање на право на говор на пратеник, како што беше случајот со утврдување на дневниот ред на 71-та Седница на Собранието; Разрешување и избор на член на работно тело на Седница на Собранието, без претходно да има одлука која треба претходно да е усвоена на матичното работно тело; Неупотреба на македонскиот јазик во излагањето на Талат Џафери пред Комитетот на министрите на Европскиот парламент, како единствен службен јазик во меѓународните односи на Република Македонија“, рече вчера Стојаноска.
Според партијата, со ваквиот неодговорен пристап, претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери покажал дека нема капацитет за правилно водење на Собранието, ниту пак покажува волја за соработка со пратениците од опозицијата, преку почитување на Уставот и Деловникот.