Власта спрема закон за амнестија за дел од обвинетите за „крвавиот четврток“


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Откако премиерот Зоран Заев најави можност за носење на закон за амнестија на дел од обвинетите за собраниските настани на 27 април минатата година, и пошироката медиумско-институционална јавност почна засилено почна да ја промовира оваа идеја за помирување. Некои веќе го споменуваат и декември како термин за донесување на ваков закон, пренесува Мкд.мк.

Пратениците од владејачкото мнозинство се убедени во тоа дека за иднината на државата неопходно е да има амнестија за дел од учесниците во настаните од 27 април и дека е ова една хумана идеја. Опозициските пратеници сметаат дека тоа ќе биде селективна правда и изјавуваат дека не сакаат да учествуваат во работата на новоформираното собраниско координативно тело кое ќе треба да го изготви законот. ВМРО-ДПМНЕ е за целосно ослободување на сите обвинети во овој случај. За предлог законот за амнестија на ВМРО-ДПМНЕ ќе се расправа на собраниска седница на 26 ноември.

И партијата на Зијадин Села, Алијансата на Албанците е против оваа идеја.

Од собраниското Координатовно тело за помирување велат дека законот ќе се донесе до средината на декември и дека со законот треба да бидат опфатени сите оние кои не извршиле насилство и не биле организатори.

Пред 19 октомври, кога власта успеа да обезбеди собраниско 2/3 мнозинство во Собранието за пристапување кон уставни измени, само опозициската ВМРО-ДПМНЕ бараше амнестија за сите учесници во минатогодишните случувања во законодавниот дом на 27 април минатата година. Откако неколку пратеници на ВМРО-ДПМНЕ, обвинети во случајот „27 април“, гласаа за уставни измени, владеачката СДСМ почна да ја промовира идејата за помирување. Претходно, претставници на СДСМ и премиерот Заев изјавуваа дека „амнестија за крвавиот четврток никогаш нема да се случи“.

Сега премиерот Зоран Заев е убеден дека помирувањето за настаните на 27 април минатата година во Собранието може да се постигне само преку простување. Тој во емисијата 360 степени на ТВ Алсат рече дека е подготвен да им прости на сите оние кои директно не учествувале во насилството и не биле дел од организаторите на случувања, оставајќи ја отворена можноста за амнестија на лицата кои се обвинети за „крвавиот четврток”.

Тој рече дека со овој предлог не врши притисок врз правосудните органи, бидејќи простувањето, според неговите замисли, треба да се спроведе преку кооординативното тело за помирување во Собранието. Тој не ги негираше политичките пазарења за постигнување на 80 гласови во Парламентот за отворање на Уставот.

Заев истакна дека е свесен за реакцијата на јавноста за селективната правда, но според него, ова е единствениот начин со кој може да се постигне поскауваната интеграција на Македонија во НАТО и во ЕУ.

„Сите што не учествувале во насилството и не биле дел од организаторите внатре, јас немам проблем преку нив да го направиме помирувањето и помилувањето. Тоа може да биде закон за амнестија, донесување на одлука на Парламентот во рамки на своите надлежности. Знам дека не сум подготвен да разговарам ништо за учесниците во насилството, затоа што не сакам да оставам можност да се повтори нешто“, рече Заев.

Во однос на тоа дека со отворање на вратите од Собранието, обвинетите пратеници овозможиле да се случи насилството, Заев рече дека тоа треба да се докаже низ судскиот процес и дека и тие имаат право да ги кажат своите аргументи. Запрашан за тоа дали има некаков политички пазар за гласање за уставните измени во замена за амнестија, Заев рече дека е нормално да разговара со луѓето.

Ако се усвои овој закон, амнестија ќе добијат и тројцата обвинети пратеници кои ги поддржаа уставните измени, Крсто Мукоски, Сашо Василевски и Љубен Арнаудов.