Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓
Владата донесе одлука за времена забрана за вработувања во јавниот сектор, освен во здравството, а се забранува и набавка на мебел, опрема и возила, а јавните претпријатија и АД во државна сопственост треба да ги намалат тековните расходи за 15 проценти за 2020, со цел намалување на непродуктивни расходи поради справување со здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот, пренесува Мкд.мк.
На вчерашната 32-ра владина седница се донесе одлука со која во јавниот сектор времено се забрануваат новите вработувања, нови ангажирања преку агенции за привремени вработување и нови договори на дело, освен за ангажирања на соодветен кадар во здравствениот сектор и во други сектори кои се во насока на справување со последиците од коронавирусот.
Тоа значи дека нема прием на нови вработувања за сите трајно испразнети работни места (пензионирања и други заминувања по различни основи). Доколку се утврди неопходност за пополнување на некое работно место, истото ќе се пополнува од институции каде што има суфицит, а доколку нема таков кадар по институциите, за ангажирање на лицата ќе одлучува Владата.
Со оваа одлука не се стопираат веќе почнатите постапки за вработувања, за кои има согласност од Министерство за финансии, а за издадените согласности за кои не се започнати постапки за вработувања да не се започнуваат.
За намалување на непродуктивни расходи поради справување со здравствено-економската криза предизвикана од коронавирусот Владата донесе одлука со која се сведуваат на минимум расходите за репрезентации, спонзорства и реклами да се сведат во јавниот сектор, се пролонгира до крајот на 2002 година Колективниот договор за култура, а на вработените во јавниот сектор нема да се доделува регрес за годишен одмор во 2020 година и нема да се реализираат другите права во Општиот колективен договор за јавниот сектор за 2020 година.
Се забранува и набавка на мебел, опрема и возила, кои суштински и директно не се поврзани со справување со здравствено-економската криза предизвикана од вирусот КОВИД-19, освен за оние за кои има дозвола од Владата и се задолжуваат јавните претпријатија и АД во државна сопственост да ги намалат тековните расходи за 15 проценти за 2020 година и за тоа да ја известат Владата.
Владата до крајот на 2020 година ги задолжува буџетските корисници и единките корисници да ги почитуваат мерките за намалување на расходите.
Со одлуката, исто така, се задолжува Владата да ги информира општините, јавните претпријатија и акционерски друштва во државна сопственост и останати субјекти во јавен сектор за донесените мерки за намалување и им препорачува да ги почитуваат донесените мерки за намалување на расходите, како и да се воздржат од помалку суштинските расходи кои не придонесуваат во справувањето со коронавирусот.