Владата од среда воведува дополнителни превентивни мерки во Прилеп, Тетово и Куманово


Игор Насковски: Како да станеш трагач на тартуфи и да заработуваш 5.700€ за 1кг! ↓↓↓


Со почеток од среда, 22 април, 2020 година, Владата воведува мерка за забрана за движење на населението на подрачјата на општините Куманово, Тетово и Прилеп, без носење на соодветна заштитна опрема (маска, шал, марама и сл.), надвор од своите домови, на сите јавни места и површини од отворен и затворен тип, како и затворени простории, маркети, продавници или, одлучи владата на денешната седница.

„За оваа цел, се задолжува Министерството за здравство да подготви и за наредната седница на Владата да достави уредба со законска сила во која правно ќе го нормира ова прашање, начинот на имплементирање, користење, потребната заштитна опрема, како и да се уреди прашањето на минимум задолжителната количина (резерва) што производителите на маски треба да ја имаат за потребите на државните институции“, соопштија од владата.

Покрај тоа, Владата одлучи да им се препорача на сите граѓани во Република Северна Македонија, а особено на оние што живеат на подрачјата на општините Куманово, Прилеп и Тетово, согласно одлуките, мерките и препораките на Владата, да го редуцираат излегувањето од своите домови, тоа да го прават само од најнеопходни причини, односно заради одење на своите работни места, како и излегување од својот дом на само еден член од семејството заради купување на намирници и лекови од маркетите и аптеките.

Понатаму, Владата на денешната седница го задолжи Аднан Џаферовски, директор на Дирекцијата за заштита и спасување, со уште двајца членови од Главниот координативен кризен штаб, да биде во комуникација со Oпштинскиот штаб за заштита и спасување во Куманово, поради потребата од негово консолидирање и тековно следење на состојбите и работата на сите надлежни институции на дневна основа во ова подрачје, со цел одржување на функционална и ефективна работа на овој штаб.

Воедно, од денешната седница произлезе и задолжувањето за сите органи на државната управа, јавните претпријатија основани од државата, акционерските друштва во државна сопственост, агенции, фондови, бироа, заводи, управи и сите останати државни институции кои имаат свои седишта или подрачни единици на подрачјето на Општина Куманово, како и јавните органи на локално ниво во Куманово, да ги редуцираат своите капацитети и да воведат посебни мерки за заштита, со цел поголем број на лица да бидат изолирани во овој период.

Притоа, исклучок од оваа мерка се вработените лица од Министерството за внатрешни работи, Министерството за одбрана – Армијата на Република Северна Македонија, од јавните здравствени установи, како и вработените во територијалните противпожарни единици на подрачјето на Општина Куманово.

Исто така, Владата одлучи дека од вторник се забранува организиран превоз на патници односно забрана за влез и излез во и од подрачјето на Општина Тетово и сите околни општини, додека исклучок од оваа забрана е организираниот превоз што го вршат економските оператори за своите вработени лица до работните места, како и организираниот превоз на вработените лица во Министерството за внатрешни работи и Министерството за одбрана – Армијата на Република Северна Македонија, како и вработените во територијалните противпожарни единици.