Владата најави дека ќе ги замрзне цените и на шеќерот, јајцата од кокошка и оризот ако истите не се намалени


Диск голф го освојува светот, а го нема во Македонија!? ↓↓↓


Mинистерот за економија Крешник Бектеши на денешната прес-конференција најави дека наредната недела ќе се прават анализи за цените на шеќерот, јајцата од кокошка и оризот, кои се дел од основните намирници, и доколку се утврди дека нивни цени не се намалени во однос на оние по кои овие производи се продавале на 1 март, Владата ќе донесе одлука за замрзнување и на истите.

Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека не станува збор за закана, туку за одговорно донесување на Владата во време на криза/Фото: Принтскрин
„Ни останаа само шеќерот, јајцата од кокошка и македонскиот ориз. Следната недела ќе се направат анализи и за овие производи и ако не ги намалат цените и таму ќе се донесат вакви одлуки“, рече Бектеши.

Ова, како што истакна министерот, не е закана, туку одговорно однесување на Владата во време на криза.

„Затоа очекуваме целосна поддршка од страна на овие стопанственици, а дополнително очекуваме и солидарност од сите стопанственици во нашата држава се со цел кризата да не биде на грбот на граѓаните, грбот на потрошувачите, а простор за намалување и тоа одлично намалување на цените има имајќи ги предвид увозните цени и цените со кои тие ги тие ги произведуваат своите производи“, рече Бектеши.

Премиерот и министерот за економија денеска на прес-конференција ја соопштија одлуката на Владата да ги замрзне цените на тестенините и на млечните производи со што тие ќе се намалат за 15, односно 10 отсто.

Одлуката ќе се применува од 16 март 2023 година до 31 мај 2023 година.

Од тестенините конкретно станува збор за макароните и шпагетите, а намалувањето на нивните цени ќе биде за 8-9 денари.

Ова е второ замрзнување на цените годинава. Претходно, на владина седница на 28 февруари беше одлучено да се замрзне цената на белиот и полубелиот леб со тежина од 450 грама и повеќе на максимални 33 денари. Исто така, поради тоа што претходно не ги намалија цените, беше укинато субвенционирањето односно повластената тарифа на струјата за производителите на основни прехранбени продукти.