Владата ќе продава дел од имотот на ски-центарот Попова Шапка кои се во државна сопственост

Popova Shapka Macedonia

Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


Со одлука на Владата, дел од имотот кој е во државна сопственост на ски-центарот Попова Шапка ќе оди на продажба.

Од Владата велат дека имаат во план да бараат инвеститор кој ќе стопанисува со двете страни на планината, односно со делот на Шар Планина во Македонија и делот на планината која е преку границата со Косово. Доколку не се постигне договор со Владата на Косово, во тој случај земјава ќе настапи сама и тоа преку Јавно приватно партнерство или пак ќе се продаде на инвеститор кој ќе има обврска да ги купи двата хотела на ЕЛЕМ ТУРС кои се во државна сопственост.

„Во текот на следната година ќе објавиме јавен повик за доделување на Попова Шапка како ски – центар, во потполна приватизација или како јавно приватно партнерство“, рече Крешник Бектеши, министер за економија.

Туристичките работници сметаат дека приватизацијата на Попова Шапка требало да се случи многу одамна. Но и доколку се најде заинтересиран инвеститор не треба да се губи време, бидејќи со нефункционирањето на Попова Шапка најмногу губи економијата во земјава. Само приватен инвеститор може да ги врати туристите на „Шапка“, вели Ангел Иванов, еден од најискусните туристички работници во Македонија.

„Ние имаме Банско и Боровец во дворот, да му дадеме шанса да му парира на тоа Банксо и Боровец, на тој Копаоник и ќе му парира само вака. Од инвеститорот и без да очекуваме, тој сигурно ќе ги реконструира и реновира објектите“, вели Ангел Иванов туристички работник.

Во сопственост на државната фирма ЕСМ се хотелите Шар Планина и Славија. Од ЕСМ велат дека пред две години направиле анализа за финансиската состојба на нивните објектите која покажала дека двата хотели се во многу лоша состојба и не се исплати нивно реновирање. Засега властите не откриваат детали, што конкретно ќе се продава на Шапка. Дали освен хотелите кои се во државна сопственост има можност да се продадат и жичниците, но и дали на распродажба ќе оди и дел од државното земјиште на планината.

Во последните десетина години, најголем дел од критиките за ски – центарот Попова Шапка беа за недостатокот на инвестиции, а со тоа и за минималниот број на гости и туристи кои се решаваа да се рекреираат на оваа планина. Секои избори ДУИ и нејзините министри ветуваа дека ќе се најде решение за ова туристичко место, но овој пат ова е директна идеја на премиерот Зоран Заев.