Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓
Владата уште собира пари од ресорните министерства и го крои финансискиот план за кампањата за престојниот референдум.
Дел од министерствата веќе информираа колку ќе одделат за неа но дел и натаму велат ги прават пресметките. Министерката за одбрана Радмила Шеќеринска и денеска појасни дека сите средства кои ќе ги пренаменат за референдумската кампања (односно 1 милион евра) се од средствата за поддршка на НАТО, а не од АРМ.
„Овие средства не се средства кои ќе се искористат ниту приватно, ниту политички, ниту партиски. Оваа земја со огромно мнозинство одлучуила да стане членка на НАТО и ЕУ, референдумот е еден од чекорите кој може да го овозможи тоа“, вели Радмила Шеќеринска
Сепак поголем дел од министрите уште не откриваат колку пари ќе пренаменат за кампањата. Велат сè ќе биде познато во среда кога Министерството за финансии веќе ќе ги има доставено сите информации до Владата.
„Во среда е закажана седница на Владата и би оставил Владата да информира околу кампањата која ќе се води за референдумот“, вели Горан Сугаревски
И претставниците на дел од парламентарните партии во законодавниот дом веќе на големо влегуваат во кампањата . И оние за но и оние кои се против. Пратеникот на ЛДП Горан Милевски порача дека кампањата но и самиот референдум е важен за граѓаните и сите треба да се изјаснат. За Фадил Зендели од Беса пак ова е партиска кампања.
„Граѓаните се единствени кои можат да донесат одлука за ова прашање и се разбира ќе го почекаме референдумот за граѓаните да кажат дали ја поддржуваат оваа политика или не“, вели Горан Милевски – ЛДП
„Мислам дека во одреден момент тоа ќе се трансформира во политичка кампања затоа што пратениците се политички претставени“, вели Фадил Зендели – Беса
Во меѓувреме пак пари од Владата за анти-кампања денеска побараа и Кризниот штаб за бојкот на референдумот. Сепак велат дека доколку владата остане глува на нивните барања анти-кампањата ќе ја водат со средства кои ќе ги соберат и од дијаспората .
„Гледаме дека од министерствата се собираат пари за оваа прескапа кампања. Тие рекоа дека не станува збор за пропагандна кампања туку за информативна. И нашата ќе биде информативна, бидејќи луѓето се далеку од информирана“, вели Солза Грчева
Колку пари ќе чини кампањата Владата ќе информира во среда . За сега само е познато дека таа ќе биде информативна со цел да се споделат информации од јавен интерес околу содржината на договорот со Грција и придобивките од интеграцијата во НАТО и ЕУ.