Владата донесе одлука: Цената на лебот се замрзнува на 33 денари и се укинуваат субвенциите за струја


Александар Вучковски - сомелиер: Како македонските вина го освојуваат светот? ↓↓↓


На денешната владина седница Владата донесе одлука да ја замрзне цената на белиот леб на 33 денари. Исто така, донесена е одлука и да се укине субвенционирана цена на струјата за компаниите. Цената на лебот ќе биде замрзната до 31 мај оваа година.

Како што кажа на денешната прес-конференција премиерот Димитар Ковачевски, овие одлуки се донесени бидејќи компаниите не ги намалиле цените на основните производи и покрај антикризните мерки на Владата.

„Антикризните мерки ги носевме за да обезбедиме мирна и предвидлива есен и зима за граѓаните и компаниите во време на енергетска криза. Компаниите добија цена на струја преку ЕСМ пониска од берзанската. Помина доволен период од последниот пакет мерки за цените да се усогласат. Проверките на Пазарна инспекција покажаа дека иако компаниите добиваат субвенционирана електрилна енегрија, цените не ги намалија или ги намалија незначително. Јас неоправдно покачување на цените нема да дозволам. Затоа, на денешната седница оваа мерка ја укинавме. Производителите на основните прехранбени производи ќе се снабдуваат со струја согласно Законот за енергетика и правилата за снабдување со струја“, рече Ковачевски.

Со замрзнувањето на цената, белиот и полуделиот леб сечен и на париња или цел од 450 грама ќе биде 33 денари, а под 450 грама до 33 денари по леб во сооднос со тежината на лебот.

Одлуките утре ќе бидат објавени во Службен весник по што ќе стапат на сила.

Производителите на леб вчера се заканија дека ќе престанат со производството ако Владата ја замрзне цената.

Доколку пекарите престанат со производство на леб, Владата смета дека има законски одредби со кои може да се санкционираат. Министерот за економија, Крешник Бектеши посочи дека тогаш ќе постапат другите институции како што е Пазарен инспекторат, но и Комисијата за заштита на конкуренцијата.

„Ние како Министерство за економија и Влада имаме механизми да донесеме заклучоци за другите институции, кои треба да бидат независни. Така сме поставени, вклучувајќи го Државниот пазарен инспекторат но и Комисијата за заштита на конкуренцијата. Согласно нашите податоци во Скопје има голема разлика на цената само на овие два производи, а пазарот го покриваат не повеќе од 3-4 компании. Комисијата за заштита на конкуренција, Државниот пазарен инспекторат согласно Законот за трговија и Законот за заштита на потрошувачите, има одредби кои треба да ги утврдат од надзорите кои би ги направиле. Вие знаете кои се тие одредби“, кажа Бектеши.